Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Плажите во Охрид се единствените што оставаат впечаток дека македонскиот туристички центар Охрид ја живее главната туристичка сезона. Тоа е знак дека гостите не ги напуштаат предвреме хотелите позабележително, а во нив престојуваат главно странски туристи. Очигледно и Охриѓаните имаат поголема потреба да се најдат на плажа, што значи на отворено и подалеку од домовите.
Факт е дека не е мал бројот на гостите кои поради вознемиреност и страв од честите земјотреси, предвреме заминаа од Охрид. Намалени се и резервациите кај малите станоиздавачи. Од нив може да се дознае дека најмногу заминуваат семејства со мали деца, но забележливо е и отсуството на младите-средношколци и студенти.
Оние што имаат викенд станови дојдоа во мал број или се вратија, што може да се заклучи од затемнетите прозори навечер во населбите, додека пак оние што имаат куќи и викендици, во викенд населбите, во најголем број одморот го минуваат во Охрид. Не е тајна дека и многу скопјани, по потекло од Охрид, се вратени назад.
Не е ретка појавата, исто така, да се спие на отворено, во шатори, или во автомобили. Зголемена е и побарувачката на душеци за плажа, лежалки, нишалки и слично, што говори дека се поголем број охригани спијат на отворено.
Од институциите засега своите капацитети за сместување ги понудија Извидничкот центар, со шатори и АРМ со нивниот автокамп во Свети Наум.
Земјотресите го одложија исто така годинешното охридско Бело лето, што е официјален почеток на летната туристичка сезона, а требаше да биде означен во петок, на 7 јули во предворјето на црквата Света Софија со прикажување на драмата Коштана во изведба на театарот Славија од Белград. Во сабота, на 8 јули, на плажата Лабино со свој перформанс требаше да настапи светски реномираниот џез музичар Владимир Василески Четкар. Нема информации за неговиот настап. Засега нема информации за откажување на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, кој според програмата, треба да биде отворен утревечер на отворената сцена Долни Сарај.
Од друга страна, од асоцијацијата на хотелиерите на Македонија (ХОТАМ) уверуваат дека во хотелите не се забележани значителни откажувања на аранжмани и дека пристигнуваат нови гости..
Претседателот на ХОТАМ, Крсте Крис Блажески, кој е и менаџер на хотелот Дрим во Струга, вели дека има инцидентни заминувања, но тоа не го поврзува со земјотресите.
Ние им веруваме на стручните лица, кои уверуваат дека не се очекуваат поголеми земјотреси и дека тлото постепено ќе се смирува. Тоа им го објаснавме и на гостите. И во многу други туристички познати места во светот постојано има земјотреси, па и натаму се едни од најпосетуваните, појаснува Блажески.
Како и да е, животот во Охрид тече по невообичаен тек. Во аптеките може да добиете информации дека драстично нараснала побарувачката на седативи, како и на чаеви кои имаат смирувачко дејство. Психијатрите не кријат дека се зголемиле телефонските повици од пациентите и дека имаат забележлив прилив на нови.
Дека потресите предизвикале страв, вознемиреност и панични напади кај многумина, потврдуваат и од Итната медицинска помош. Од таму апелираат граѓаните да останат колку што можат смирени, да не паничат, бидејќи навистина се зачестени повиците, но досега нема интервенција на екипа поради повреда.Тие се подготвени со доволно екипи, како и екипи во приправност.
Од Центарот за јавно здравје, исто така, уверуваат дека ги зачестиле анализите на водата за пиење, поради честите потреси на тлото.Водата за пиење е со добар квалитет во градот, а земени се и примероци од водата за пиење во селата кои се наоѓаат во подрачјето во кое е регистриран епицентарот на најголемиот број земјотреси. Доколку има било какви отстапувања, жителите ќе бидат навреме информирани.
Во постојанно дежурство и приправност се и во Регионалениот центар за управување со кризи, како и во Дирекцијата за безбедност и спасување.
Граѓаните на Охрид, главно се задоволни од ангажираноста и степенот на приправноста на надлежните служби, со забелешка побрзо да се реагира во случаи на организирано ширење паника од лукративни цели.
Исто така, граѓаните во неверување ја повторуваат констатацијата како е можно, сето ова време, да не дојде и со своето физичко присуство да ги охрабри некој од државниот и владиниот врв.