Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Не инспектори и багери за рушење, туку балони и свечена црвена лента која ја официјално и формално ја пресече струшкиот градоначалник Рамиз Мерко со што свечено го означи отворањето на пицеријата „Луна“ – ваков третман доби дивоградбата веднаш до охридскиот чинар, во сопственост на охридскиот советник од ДУИ, Нефи Усеини.
Изградбата на објектот почна во март, а советникот Усеини истиот месец доби налог од Општината за отстранување на дивоградбата. Сепак, тој продолжи да гради и тоа без градежна дозвола, на државно земјиште кое се наоѓа во заштитениот појас на УНЕСКО.
Градоначалникот Константин Георгиевски, пред два месеци се правдаше дека уривањето на дивоградбата ќе доцни оти тендерот за избор на фирма која би го спровела уривањето пропаднал. Градските власти и денеска немаат одбрано фирма која ќе ги отстранува нелегално изградените објекти.
Инаку, минатиот викенд во Баку, надлежните добија последна шанса да го зачуваат Охрид на мапата на заштитено културно наследство. Локалната власт доби рок до 1 февруари следната година да ги исполни сите 19-барања на УНЕСКО. За да го зачуваат статусот надлежните ќе мора да се справат со нелегалната градба, неконтрилираниот урбан развој,експлоатацијата на крајбрежјето, уништувањето и загадувањето на животната средина.
Според градоначалникот Георгиевски, во Охрид имали 409 нелегално изградени објекти, од кои само 10-тина биле куќи. Другите дивоградби биле настрешници, скали, кровови, прозорци и огради, велат надлежните. Од Националниот парк галичица, пак неодамна алармираа дека во строго заштитеното подрајче на градот и на планината има над 1000 нелегално изградени викенд куќи.
„Ве молам оставете ме на мира, да не бидам безобразен. Расправајте се со други дивоградби“, вака одговори Усеини на прашање од новинарите за неговата дивоградба.