Огромниот интерес го одложи лансирањето на Motorola Razr


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Оние кои нетрпение го очекуваа старо-новиот модел од Motorola, Razr, кој требаше да биде достапен за нарачување на 26 декември, ќе почекаат уште некое време за нарачка.

Компанијата соопшти дека малку ќе го одложи лансирањето на овој модел, заради, како што велат, големата побарувачка.

Не се знае кога точно ќе започне нарачувањето, но во Motorola велат дека не планираат драстично поместување на планираните временски рокови.

Како што пренесува „Ендгаџет“, чудно е дека Motorola не ја предвидела големата побарувачка за моделот Razr.

Можеби од компанијата верувале дека високата цена на телефонот од 1.500 долари нема да привлече толку многу купувачи. Овој телефон користи и малку застарен процесор (Snapdragon 710), а камерите и капацитетот на батеријата не се на нивото на другите телефони од тој ценовен ранг.

Сепак, очигледно многумина се подготвени да ги занемарат недостатоците за да го добијат овој елегантен, склопувачки телефон.

Како што наведуваат од Motorola, „од првата најава во ноември, новиот Motorola Razr доживеа голема побарувачка, која ги прерасна плановите за снабдување. Моторола одлучи да го прилагоди времето за лансирање на моделот Razr за што подобро да одговори на зголемената побарувачка. Работиме на утврдување на одговарачки распоред и не очекуваме значително поместување од планираните временски рокови.“