Вебкафе

Ограбил банка за да избега во затвор од својата сопруга – му опнале домашен притвор

Поради сè позачестените кавги со сопругата и четирите деца кои таа ги имала од претходниот брак биле причината која ја прелеала чашата кај Лоренс Џон Рипли од Канзас, САД, за типот да реши дека веќе нема да го трпи тоа, па макар да заврши и во затвор.

И кога велиме макар и во затвор, буквално го мислиме тоа. Рипли се решил на таков радикален чекор, да заврши во затвор само за да се раатиса од терсене сопругата.

Лоренс заминал во најблиската банка со цел да ја ограби, за да потоа биде однесен во затвор, каде планирал да се одмори од напнатата ситуација во домот. Но, наместо во затвор, судот во Канзас го осудил несреќниот маж на шест месеци домашен притвор.

Веста за Лоренс ја пренесе ,,Њујорк пост”. Според медиумот, по кавгата со сопругата, Лоренс и оставил писмо во кое напишал – Подобро да бидам во затвор отколку дома. Потоа влегол во банката и на службеникот му побарал пари, заканувајќи се дека носи пиштол. Вработениот од банката му дал 2.924 долари, по што Лоренс излегол пред банката и на обезбедувањето му кажал дека тој е човекот кој штотуку извршил грабеж и побарал да повикаат полиција.

Тој пред судот ја признал вината и кажал дека подолг период бил депресивен и на затворот гледал како на можност да се одмори од домашните случувања. И покрај поплаките, сепак не завршил во затворските ќелии, туку заработил пола година домашен притвор.

Advertisements
To Top