Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Од утре па се до 16 февруари деветте кандидати за претседател ќе имаат можност да ги презентираат своите програми во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски денес ги обелодени имињата на кандидатите кои ги исполниле условите:
-Никита Шекутковски, доктор по математички науки и редовен професор на природно-математичкиот факултет во Скопје, член на Институтот за математика;
-Ѓорѓи Манасков, машински инженер и претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија;
-Васко Костов, фармацевтски техничар;
-Влатко Ѓорчев, правник, пратеник во Собранието на Република Македонија и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ;
-Гордана Силјановска Давчева, редовен професор на Правниот факултет во Скопје, член на Институтот за правни и политички науки, катедра за уставно право и политички систем;
-Илија Димовски, професор во пензија на шумарски факултет при УКИМ во Скопје;
-Филип Петровски, доктор на политички науки и поранешен директор на Државниот архив;
-Горан Анѓелов, пратеник, поранешен градоначалник на општина Виница во два мандати и претседател на ЗЕЛС во еден мандат;
-Сашо Кутлешоски, доктор по земјоделски науки;
Овие лица со нивните програми ќе учествуваат на претстојната Конвенција на 16-ти февруари во Струга.
-ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможи на сите пријавени, еднаков пристап до ОК на партијата во периодот од 6-ти до 16-ти февруари, со цел презентација на нивната програма и визија за Македонија. Сите кандидати ќе имаат еднаков третман и еднакви можности да бидат избрани, согласно принципите и демократијата. Транспарентноста и демократијата на овој процес, со цел да биде избран кандидатот кој ќе го претставува мнозинското мислење на граѓаните и ќе работи согласно законите и уставот, во полза на сите граѓани, порача Мисајловски.
Партискиот потпретседател посочи дека ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја повикува власта да престане да ги става партиските и личните интереси над државните и да распише предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.
-Државата повеќе нема време за губење. Република Македонија не смее да продолжи да тоне. СДСМ кој во изминативе две години, донесе само неуспеси, мора да си замине, порача Мисајловски.
Очигледно е дека најголемата битка ќе се води меѓу пратеникот Влатко Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска, коментира ТВ Телма. Ѓорчев има голема подршка од членството додека според нашите извори првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ ја фаворизираат професорката Гордана Силјановска како надпартиски кандидат за претседател очекувајќи на изборите гласови од неопределените, но и од разочараните од СДСМ. Во партијата се стравува на Конвенцијата во Струга да не се повтори истото сценарио како на Кумановскиот и Валандовскиот конгрес, со однапред познат победник и сигурни гласачи. Се очекуваат остри дебати и разврска на бројни дилеми на 16 февруари.
ВВМРО-ДПМНЕе не отстапува од ставот заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори. Повторно го повикаа СДСМ да не тактизира, да не бега од ова прашање и да донесе одлука, зошто во спротивно ќе мислат дека се подготвува изборен фалсификат.