Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
После само три дена од почетокот на новата учебна година која започна со настава со физичко присуство, коронавирусот влезе во училиштата. Во изминатиот ден се пријавени 14 позитивни случаи на ученици.
Се прават епидемиолошки анкети и се изрекуваат решенија за изолација за оние соученици кои седеле во нивна близина, по проценка на епидемиолог. Министерката за образование Мила Царовска уверува дека нема внатрешна трансмисија на вирусот и дека ниту еден ученик не се заразил во училиште.
„За јавноста е битно да знае дека во изминатиот ден имавме 14 позитивни случаи. Тоа е само 0,01 процент од вкупниот број ученици. Кои училишта, кои деца или кои наставници, знаат надлежните служби. Покажување со прст на ученик или школо, нема да донесе добро никому. Во моментов, со физичко присуство, настава посетуваат над 233.000 ученици во државата. Посакувам тој процент на заразени да остане во периодот кој следи.“ – изјави Царовска.
Надлежните велат дека доколку се влоши состојбата на заразени во училиштата има две резервни сценарија, односно онлајн или комбинирана настава, но засега не откриваат колку проценти од учениците треба да се заразат за да се премине на онлајн настава.
Дел од родителите пак на неформалната група на социјалните мрежи „Поддршка за онлајн настава“ ја бојкотираат наставата со физичко присуство и не ги пуштаат децата на училиште.
„Моите деца во прво и трето одделение ниту ги пуштив ниту пак планирам. Одговор за онлајн немам, ама и не ми е ни важно, секако нема да стапнат во школо во блиска иднина.“
„Немам деца за фрлање. И покрај притисокот дека само моите деца од 1-во и 3-то ќе биле онлајн, искрено ништо не ми значи.“
Според податоците на Министерството за образование и наука, добиени од раководствата на училиштата на втори септември, меѓу учениците 0,01 % се активни случаи на Ковид-19. Ист е процентот и кај наставниот кадар.