Официјален Брисел бара од Бугарија да го спаси комунистичкото ремек дело Бузлуџа


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Комунистичкиот бруталистички споменик и ремек дело изградено во чест на Бугарската комунистичка партија, поточно на Бузлуџанскиот конгрес одржан во 1891 година издигнат на планинскиот врв Хаџи Димитар (порано и повеќе познат како Бузлуџа), во рамки на националниот парк-музеј „Шипка-Бузлуџа“ на Стара Планина, со форма на вселенска чинија, изграден пред четириесет години, веќе две децении е оставен на милост и немилост на заборавот.

Необичната кружна зграда веќе две децении е оставена на пропаѓање и вандализам бидејќи Бугарија се труди да го заборави своето комунистичко минато. Меѓутоа, западните експерти сакаат да ја сочуваат.

Градбата е висока 70 метри и е направена од 70.000 тони бетон, 3.000 тони армиран челик, 40 тони стакло и изгледа како да лебди на 1.440 метри надморска височина во центарот на Бугарија.

Во неа има 40 метри широка свечена сала која собира 400 луѓе. Од подот до покривот беше покриена со мозаик кој ја прикажува историјата на бугарската комунистичка партија.

Отворен во 1981 година, по падот на „Железната завеса“ објектот е испразнет и препуштен на забот на времето.

Во последните години најавантуристичките странски туристи се решаваат да го посетат изолираниот споменик, што ги натера локалните власти да го заклучат за да спречат какви било несреќи.

Без оглед на тоа, експертите од организацијата за културно наследство Еуропа ностра бараат од бугарските власти да го спасат она што го нарекуваат „ремек-дело на архитектурата, инженерството и уметноста“.

За време на Студената војна бугарските комунисти тврдеа дека црвената ѕвезда на врвот на кулата може да се види од Романија на северот до Грција на југот.

„Со својот бруталистички стил, тоа е изворно архитектонско постигнување на 20 век“, вели Лорен Леви Штраус, шефот на „Еуропа ностра“ и поранешен функционер на УНЕСКО.

За британскиот архитект Греам Бел, Бузлуџа е „неверојатна градба, исклучително впечатлива и сега неверојатно тажна“.

„Споменикот е дел од европското културно наследство, а повеќето Европејци не знаат дека постои“, вели Бел.

Во „Еуропа ностра“ се уверени дека зданието може и мора да се спаси. Бараат итна акција да се сопре пропаѓањето и да се прогласи за заштитен национален споменик што би овозможило користење на ЕУ фондовите за обнова.

„Добро е што Европа се грижи, бидејќи Бугарија не се грижи“, вели авторот на споменикот, 89-годишниот архитект Георги Стоилов.

И навистина, локалните власти со својот ограничен буџет никогаш не ја сметале Бузлуџа за нешто во што треба да се инвестира.

Бугарската архитектка Дора Иванова, родена една година по падот на бугарскиот комунистички режим, е најзаслужна што споменикот се врати во фокусот на интересот во Бугарија. А таа за него дознала „сурфајќи“ по интернет пред неколку години.

„Не е можно толку сјаен дел од архитектурата да биде во толку лоша состојба. Тоа е дел од бугарската историја, ни се допаѓало тоа на нас или не“, вели таа.

Таа се залага за конзервирање на градбата, а не за нејзино реновирање. „Обновувањето би била глорификација на комунизмот. Но историјата треба да се сочува и објасни“, вели Иванова.

И Леви Штраус признава дека би било тешко да ѝ се врати на Бузлуџа некогашниот сјај. Особено имајќи ги предвид историските контроверзии што ја опкружуваат.

Но, тоа не би требало да ги спречи властите да ја стават во функција. Се предлагаат конференции, концерти и едукативни тури.

Експертот за туризам Румен Драганов тврди дека споменикот може да помогне во развојот на туризмот во регионот.