Официјален Берлин го суспендираше Северен тек 2


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Канцеларот на Германија, Олаф Шолц, донесе одлука дека Германија нема да продолжи со проектот Северен тек 2 во екот на украинската криза.

Процесот на одобрување на Северен тек 2 од страна на Германија официјално е запрен.

„Со оглед на најновите постапки на Русија“, сертификацијата „не може да продолжи“, им рече Шолц на новинарите. „Сега станува збор за преземање конкретни чекори во врска со ситуацијата што ја имаме.“

Изградбата на гасоводот, кој треба да ги поврзе гасните полиња во Сибир со потрошувачите во Западна Европа преку пристаниште во северна Германија, беше завршена минатата година. Сепак, чекаше одобрение од берлинските регулатори за да почне со работа.

Шолц сега наложил да се направи проценка како Германија може да продолжи да испорачува енергија без да зависи од Русија.

„Ситуацијата суштински се промени“, рече Шолц откако рускиот претседател Владимир Путин одлучи да ја признае независноста на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск.

Покрај признавањето независност, Путин потпиша и договор за соработка со лидерите на двете самопрогласени републики, што значи дека наскоро ќе се воспостават дипломатски односи. Договорите беа ратификувани и во руската Дума, а синоќа сепаратистите славеа на улиците на Донбас.

Западните лидери остро реагираа на потегот на Владимир Путин и најавија воведување економски санкции, кои ќе бидат објавени во текот на денов.

Првиот што премина од зборови на дела беше Олаф Шолц, со суспендирање на Северен тек 2.