Одземени пасошите на обвинетите лица во случајот „Тортура“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Апелациониот суд го потврди решението на Кривичниот суд и донесе одлука да им бидат одземени пасошите на обвинетите во случајот „Тортура“, бидејќи, според проценката, можат да влијаат врз сведоците. Обвинетите за кои решаваше Судот работат на исто место со сведоците, односно во МВР.

Станува збор за случајот околу апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, во кој според обвинението на СЈО, припадници на полициските сили Алфи постапувале нечовечки, го дискриминирале по политичка основа, го понижувале и му впериле пиштол во глава.

Апелациониот суд практично ги отфрли жалбите на петтемина полицајци „алфи“, меѓу кои и поранешниот командант на единицата Ивица Анчевски Пуки и им наложи секој петок да се јавуваат во суд, поради можност од бегство. Од друга страна Апелација ги прифати жалбите на СЈО и за сите полицајци „алфи“ определи мерка забрана за контактирање и приближување на лице кое е сведок во постапката. СЈО навело дека сведокот кој е полицаец во единицата „алфи“ се чувствува загрозен од честите јавувања на тогашниот негов командант Пуки.

Од петмината обвинети (Ивица Анчевски, Јован Боцевски, Новица Станковски, Метуш Шабани и Филип Атанасов) за малтретирање додека го апселе Љубе Бошкоски, тројца уште се колеги на сведокот на кого нема да смеат да му се приближуваат.