Одложено одењето во затвор на Сеад Кочан – судот ќе проверува дали стварно е болен


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Бизнисменот Сеад Кочан денес требаше да почне со отслужување на затворската казна која му беше досудена во рамки на случајот „Труст“ под ингеренции на СЈО. Но, Основниот кривичен суд треба да донесе одлука за втората молба која адвокатскиот тим на Кочан ја поднесе во понеделникот и со која бара одложување на издржување на затворската казна. Поради тоа, Кочан денес нема да се јави во затворот во Идризово каде треба да одлежи 4 години и 8 месеци.

Во втората поднесена молба тој, според она што му го налага Законот за извршување на санкции, мора да има ново образложение дополнително од она кое го имало во првата поднесена, а потоа и одбиена молба.

Кочан се разболе неколку дена пред да треба да оди во затвор. Првата молба за одложување на затворската казна судот му ја одби минатата недела.

Во соопштението на Кривичниот суд не се наведени ниту причините поради кои е поднесена молбата, ниту пак оние поради кои е одбиена.

Сега по поднесената нова молба судијата за извршување на санкции прави извиди и проведува дали наводите кои се напишани во молбата се поткрепени со соодветна медицинска документација и соодветствуваат со фактичката состојба.