Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Пред да започне главната расправа за случајот „ТНТ“, Еленко Миланов, како адвокат на обвинетиот Никола Груевски, побара изземање на судиите Огнен Ставрев, Осман Шабани и трите поротнички кои постапуваат по предметот.
Миланов рече дека на 26 март поднел барање до СЈО за информација кои судии биле цел на незаконско прислушување.Од специјалната обвинителка Јанева добил одговор дека има судии кои биле прислушувани и дека дел од нив постапуваат по предмети на СЈО. Јанева, исто така во одговорот укажала дека ваквата околност, треба да биде предмет на Судски совет и дека судиите не треба тоа да го сфатат погрешно, туку во контекст на заштита на нивниот интегритет.
Миланов побара за нивниот предлог да одлучува претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев, судијата Пајазит Пајазити и судиите во Апелација: Лидија Димчевска и Сафет Кадрии.
По ова, судијата даде пауза, која е во тек.
Инаку, денеска требаше во судот да се слушаат 26 прислушувани разговори за предметот „ТНТ“ од кои 10 и беа познати во јавноста и 16 необјавени.
Во овој случај обвинети се седум лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и екс градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението, тие во 2011 година за политичка одмазда го урнале објектот на нивниот политички противник, Цаноски, кој е во коалиција со сега веќе владејачкото мнозинство. Според СЈО, со уривањето е предизвикана штета од 16 милиони евра, а буџетот на општина Гази Баба е оштетен за дополнителни три милиони денари.
Извор: Нова ТВ