Актуелно

Одблокиран железничкиот сообраќај, возовите тргнуваат денес од 16 часот

Железничкиот сообраќај од денеска во 16 часот ќе почне да функционира, откако вработените во МЖ Транспорт го прекинаа протестот, по договорот со в.д. директорот, Игор Коруновски јануарската плата да биде целосно исплатена идната недела, а до крајот на месецот да биде исплатена февруарската плата.

Договорено е од април да почне редовна исплата на платите.

Од машинскиот персонал во железницата, предходно побараа средба со менаџментот со барање да им бидат исплатени по 10.000 денари од вториот дел од платата. Утрото вработените во работилницата за оспособување на локомотивите на МЖ Транспорт одлучија да го прекинат протестот откако добвија ветување од менаџментот дека платите ќе почнат редовно да се исплаќаат.

Вработените во Македонски железници го почнаа протестот пред две недели поради неисплатени две плати. Декемвриската плата им беше исплатена уште на почетокот на протестот, а се проблематизираше јануарската плата. во меѓувреме поранешниот генерален директор на МЖ Транспорт Никола Костов даде оставка, а Владата го назначи за в. д. директор Игор Коруновски.

Во четврток, стигна соопштение и од фирмата Арцелор Митал, од каде се пожалија дека 22.000 тони репроматеријали чекаат да стигнат од Грција и од Србија, но поради тоа што македонските возови не сообраќаа, тие не стигнуваа до Скопје.

Досега, последици беа регистрирани со доцнење на планираната кампања за производството како и големи трошоци и пенали за лежарина, но доколку штрајкот не прекине веднаш, ќе следува целосен прекин на производството. Загубите ќе влијаат не само на АрцелорМиттал туку и на голем број крајни корисници низ регионот на целиот Балкан кои ќе ги добијат нарачаните ладновалани, пластифицирани и поцинкувани лимови со значителни задоцнувања. Оттука, за компанија која е во голема мера ориентирана на извоз, по повеќе години на успешен раст постои сериозен ризик од негативни последици на пазарот, се вели во соопштењнието од фирмата.

Advertisements
To Top