Од вторник нов саем за градежништво и недвижности


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Директни 100 и уште 200 индиректни излагачи ќе се претстават на 14. издание на Меѓународниот саем за градежништво, градежни материјали и градежна механизација и на 7 RealExpo Меѓународен саем на недвижности што ќе се одржат во три хали на Скопски саем од 28 февруари до 4 март годинава.

За време на саемот првпат годинава експерти од областа на енергетската ефикасност ќе ги презентираат мерките и придобивките од воведување системи и методи за енергетска заштеда, а ќе се претстават и неколку банки кои ќе ги запознаат посетителите со услугите што ги нудат за станбени кредити.

Како што инстакна оперативниот директор на Саемот за градежништво Валентина Димитрова на денешната заедничка прес-конференција со претседателот на Градежната комора на Македонија Роберт Хот, двата саеми се значајни за промоција на најголемите стопански гранки во Македонија.

На саемот за градежништво ќе се нудат и продаваат производи и услуги за одржување, модернизација, реновирање и опремување објекти и имоти. Во делот на саемот за недвижности годинава ќе имаме најголема понуда на станови кои компаниите ќе ја изложат пред посетителите, рече Димитрова.

Претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија посочи дека секогаш се присутни на оваа саемска манифестација и оти најголем дел од 450-те компании членки учестуваат на Саемот за градежништво.

Градежништвото веќе неколку години е двигател на економскиот раст во Македонија и во последниот квартал имаме раст од 30 проценти и проекција за раст и за наредната година. Тоа ни е поткрепено со стабилниот пазар на недвижности и со проекциите за капитални инвестиции во инфрструктурата, рече Хот.

Тој нагласи дека и покрај моменталната политичка криза градежништвото се уште бележи раст и додаде дека се очекува годинава градежниот сектор да има раст од 5,2 отсто.

Не се знае уште колку ќе можеме да издржиме зашто не знаеме до кога ќе трае политичката нестабилност и затоа апелираме час поскоро да се реши за да може градежниот сектор и понатаму да биде двигател на македонската економија и раст, потенцира Хот.

Саемот ќе биде отворен секој ден од 10 до 19 часот, а цената за влез ќе биде 80 денари за индивидуални и 40 денари за колективни посети.