Од ВМРО-ДПМНЕ не се огласија за информациите дека луксузните лустери се донирани


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Засега нема реакција и официјално огласување од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со информацијата дека луксузните лустери од нивното партиското седиште се донирани во црква во скопското село Љубанци, иако целокупниот имот што го поседува партија е замрзнат од ноември лани по барање на СЈО за предметот Талир, пренесува Нова ТВ.

Информациите за донација на лустерите од ВМРО ДПМНЕ за црквата во селото Љубанци ја објави пратеникот Јохан Тарчуловски.

Невладината Цивил вчера преку соопштение побара од институциите да го разгледаат случајот и да утврдат дали има прекршување на законите.

-Доколку оваа информација од пратеникот Тарчуловски е точна, ЦИВИЛ ги потсетува јавноста и институциите дека сиот движен и недвижен имот на ВМРО-ДПМНЕ е замрзнат со судска одлука, поради постоењето на два судски предмети кои се однесуваат токму на имотот на партијата. Исто така, ЦИВИЛ нотира дека се работи за донација за време на изборна кампања, што е спротивно на законите, се вели во реакцијата од Цивил.

Од СЈО велат дека попис на внатрешниот инвентар не е направен ниту замрзнат. Не ја исклучуваат можноста по евентуална судска пресуда со досудена отштета да бараат и одземање на предметите кои се во партијата или се донирани.

Во случајот „Талир“ се обвинети Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службенатта положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

СЈО поднесе уште еден обвинителен акт за предметот „Талир“ што се однесува на незаконската изградба на седиштето на партијата.