Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Градот Скопје и годинава ќе ја одбележи Европската недела на мобилност 2019 и за граѓаните ќе понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Во деновите од 16 до 22 септември Градот Скопје ќе организира разновидна програма која ќе биде интересна за сите граѓани, од најмладите до највозрасните, како и за јавниот и приватниот сектор.
Во текот на наредните денови ќе се организираат работилници и трибини посветени на активностите на Град Скопје кои придонесуваат за подобра мобилност во градот, за зголемување на безбедноста во сообраќајот, за придобивките од пешачењето и возењето велосипед, за електричните тротинети и за влијанието на транспортот врз климатските промени. Со одржлива туристичка тура до Матка ќе се промовира комбинираниот превоз до рекреативните центри. Во четврток (19.09.) попладне, пак, улицата Димитрија Чуповски ќе биде затворена за сообраќај, а на коловозот ќе се организира Вело фиеста – дружење и забава за граѓаните. Традиционалното велосипедско дефиле по градските улици е закажано за во петок (20.09).
Европската недела на мобилност има за цел да ја поттикне мобилноста на жителите на европските градови и да ги мобилизира градските власти и институциите да размислуваат, планираат и работат што повеќе да се користи алтернативниот превоз, а во истовреме да ја подигнат јавната свест за придобивките од пешачењето и движењето.
Активностите на Европската недела на мобилност 2019 се организираат под мотото „Пешачи со нас“. Партнер на Градот Скопје во реализацијата на овој проект е здружението на граѓани „Македонски зелен центар“, а во организирањето на многубројните активности ќе учествуваат и Делегацијата на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање, неколку скопски општини, средните училишта и центрите на култура на Град Скопје, GIZ, Црвен крст, МВР, ЈСП, Републички совет за безбедност во сообраќајот, Македонска велосипедска федерација, Цементарница Титан, како и повеќе здруженија на граѓани, меѓу кои Прв до врв, Еко свест, Еко логик, Go green, Смарт Ап, Електромобилност и други.
Целокупната програма на активностите од Европската недела на мобилност 2019 може да ја погледнете на линкот: https://zivotnasredina.skopje.gov.mk/evropskata-nedela-na-mobilnost-2019-peshachi-so-nas/