Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Со воведување во пракса на новата мерка од Фондот за здравствено осигурување, од утре се укинуваат квотите за лекови и граѓаните потребниот лек ќе можат да го подигнат од било која аптека во било кој период од месецот.
На овој начин, велат од Владата, ќе се спречи создавање домашни залихи од лекови кај пациентите кои се плашат дека може да го снема нивниот лек, но и ќе се спречат злоупотреби. Како што појаснија денеска од Владата, можни злоупотреби ќе се спречат со поголема контрола. Лековите ќе можат да се подигнат само со лична карта, за Фондот за здравствено осигурување да ја следи потрошувачката во реално време.
-Граѓаните ќе може да добијат лек од која било аптека секој ден и во секое време без разлика дали е почеток или крај на месецот. Нема да имаат потреба да создаваат домашни залихи. Се елиминират турканиците кај лекарите и во аптеките во првите денови од месецот заради препишување рецепти, работата на лекарите ќе се поедностави. Ова подразбира и подобри услови за работа – изјави директорот на Фондот, Ден Дончев.
Тој рече дека новиот електронски систем ќе овозможи еднакви правила за работа за сите аптеки и дека на овој начин се елиминира фворизирање на аптеките и спречување на конкуренција.
Дончев додаде дека постарите лица, децата под 18 годишна возраст и болните кои не се во состојба да подигнат лекови, не треба да стравуваат, бидејќи нивните блиски ќе можат да го подигнат лекот во нивно име.
-Деценискиот недостаток на лекови на товар на Фондот замина во историјата, граѓаните ќе можат во било која аптека да подигнат лек од позитивната листа на товар на Фондот – посочи тој.
Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека пилот проектот кој летово беше спроведен во некои туристички места поминал успешно.
-Охрид, Струга, Гевгелија, Ресен, Дорјан, тука беше најголем притисок особено летните месеци кога туристите ги трошеа лековите на жителите. Овој пат за време на летните месеци сите имаа пристап до лековите – рече тој.