Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Од македонската Царинска откриваат детали околу целиот случај којшто бил откриен на граничниот премин Блаце, каде царинските инспектори спречиле обид за шверц на 32,5 килограми марихуана. На 2 декември 2016 година, околу 20 часот на влез во Македонија на граничниот премин Блаце, пристигнало патничко моторно возило марка „Chraysler Voyager“ со шведски регистарски ознаки, управувано од лицето А.Т. државјанин на Кралството Шведска. На прашање на царинските инспектори „дали има нешто да пријави за царинска контрола“, осомничениот одговорил дека нема ништо за пријавување. пренесува Дојче Веле.
„Царинските инспектори се посомневале во одговорот и пред да пристапат кон детална контрола на возилото, го искористиле царинското куче кое детектирало присуство на наркотична дрога во возилото. При прегледот на возилото, во специјално конструиран простор наменет за пренесување на дрога, затворен со метален поклопец, биле пронајдени вкупно 61 пакување наполнети со наркотична дрога марихуана со тежина од околу 32,5 килограми“, велат од Царинската управа за ДВ.
Меѓу опаковките, според нив, било истурено кафе и ориз, додека бункерот бил премачкан со непозната течност, со намера да се прикрие миризбата на марихуаната. Царината тогаш поднела кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“до надлежното јавно обвинителство.
Бункерот со дрога, сокриен во возило коешто било запленето на Царина во 2016 година, пет години останал „невидлив“ пред сите контроли. Автомобилот во меѓувреме менувал локации и бил под различна надлежност. По заплената во акцијата во 2016 година, како што тврди полицијата, возилото било пренесено на паркингот на Агенцијата за управување со одземен имот. Оттаму добило нов сопственик – станало дел од возниот парк на Министерството за внатрешни работи.
И ништо во овој случај не би било спорно, со оглед на тоа дека станува збор за стандардна процедура за прераспределба на запленети возила во државните институциите каде што се неопходни, доколку двајца полициски службеници од Секторот за компјутерски криминал деновиве не биле сопрени при влез во Црна Гора. Таму биле откриен бункерот со дрога, за што извести црногорската Царина.
Според нив, службеници на царинската испостава Сукобин која се наоѓа на границата меѓу Албанија и Црна Гора во координација со Управата за полиција спречиле криумчарење наркотици. „Службениците на царинскиот терминал Сукобин во координација со Управата за полиција при контрола на патничко моторно возило пронајдоа поголема количина растителна супстанција за која постои основано дека се работи за наркотици. Возилото со регистарски таблички од Република Северна Македонија кое се движело во насока од Албанија кон Црна Гора, а супстанцијата спакувана во повеќе различни пакувања е пронајдена скриена во бункер на возилото наменето за криумчарење“, соопшти Управата за приходи и царини на Црна Гора.
Од Министерството за внатрешни работи на Црна Гора за Дојче веле го потврдуваат случајот. „Во согласност со протоколот за билатерална соработка, понатамошната постапка за утврдување на составот на материјата и потеклото на истата како и процесуирање на предметот ќе го спроведат надлежните органи на Република Албанија“, велат од црногорската полиција. Црна Гора и Албанија, според нив, имаат потпишано протокол врз основа на кој постапката се води во онаа земја од која што се влегува, ако заплената е извршена на граница. „Црна Гора повеќе нема ништо со тој случај. Станува збор за рутинска контрола, немаше никаква дојава за случајот“, велат извори од црногорската полиција.
Црна Гора во изминатиов период ги зајакна контролите во рамките на засилената борба против криминалот. Оваа земја се наоѓа на балканската рута на трговците со друга, каде често завршува марихуаната од Албанија.
Од македонското МВР веднаш го потврдија случајот, но тврдат дека станува збор за претходно запленета марихуана која останала во возилото, скриена во бункер. Од министерството додаваат дека двајцата службеници веќе се вратени во Скопје.
„Вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР се упатиле на обука во Црна Гора, и за патување до таму задолжиле службено возило од авто паркот на МВР, кое инаку МВР го користи откако е добиено од Агенцијата за управување со одземен имот, а било запленето од страна на Царинската управа во акција за сузбивање на трговија со дрога во 2016 година. Кога стигнале на границата меѓу Албанија и Црна Гора, во возилото била пронајдена марихуана“, велат од МВР.
Но, според полицијата, вработените немале никаква врска со дрогата, туку таа била сокриена во автомобилот, односно останала од 2016 година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа. „Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврди и албанското јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје“, децидни се од МВР. За случајот е известено Јавно обвинителство коешто треба да го расветли.
Случајот со запленетата дрога која што останала „невидлива“ пет години, сокриена во специјален бункер на запленето возило, отвори низа дилеми и прашања во јавноста. Полицијата тврди дека возилото е запленето во акција во 2016 година, кога во земјата имаше техничка влада.
Поранешниот техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев се огласи веднаш по објавувањето на веста на социјалните мрежи. „Кој е виновен за новиот меѓународен скандал со запленето поголемо количество дрога во службено возило на МВР?! Повторно ли Наќе е крив?“, запраша тој.
Социјалните мрежи вријат од коментари. „Како е можно пет години да ја возеле дрогата и никој да не ја открие?“, „На овие што им ја пронашле дрогата не се полицајци, археолози се“, се дел од коментарите коишто ги споделуваат корисниците на Фејсбук и Твитер.
При вршење на кривично дело задолжително се одземаат сите предмети и возила, па затоа е нејасно како во 2016 година не била испразнета содржината на тајниот бункер. Во меѓувреме „крајслерот“ бил преместуван од еден на друг паркинг, од една во друга надлежност, и повторно е нејасно како никој не утврдил каква пратка лежи скриена во возилото. Се поставува и прашањето како надлежните знаат дека дрогата стоела од 2016 година ако не го провериле возилото?
Во врска со случајот го побаравме и директорот на Агенцијата за одземен имот, под чија надлежност бил автомобилот определен период, но не успеавме да го добиеме. Повеќе детали околу заплената на дрогата, и дали ќе се спроведе интерна истрага во МВР за двајцата припадници на полицијата кои што се наоѓале во „крајслерот“ не соопштуваат ниту од македонската полиција. Велат дека случајот е во рацете на Јавното обвинителство коешто ќе го разјаснува.
За МВР, нема ништо спорно во тоа што припадниците на МВР патувале со службено возило во црна Гора. Според нив, станува збор за обука за потребите на МВР, па организирањето на патот најчесто зависи од организаторот на таквите обуки. „Ако не е обезбеден превоз од организаторот, тогаш можно е да се патува со службени возила“, велат од МВР.