Од СЗО не препорачуваат трета доза од вакцината против Ковид-19


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Светската здравствена организација за време на брифинг со медиумите во средата изјави дека податоците за потребата или придобивките од трета доза против коронавирусот се неубедливи.

Агенцијата рече дека освен тоа што доказите за трета доза се неубедливи, тоа е и „морално и етичко“ прашање, бидејќи нема секоја земја во светот пристап до вакцини.

„Собирајќи ги сите докази од сите земји низ светот, во овој момент не можеме да препорачаме трета доза“, рече Соума Сваминанатан, главен научник на СЗО.

Сваминанатан додаде дека „имаме ограничени залихи на вакцини на глобално ниво, во овој момент немаме неограничени резерви. Затоа, тие резерви треба да им припаднат на луѓето што очајно ги чекаат вакцините“.

„Вакцините многу добро се држат против тежок крај на спектарот на болеста и тоа беше намерата со вакцините, да заштитат од тешки заболувања, хоспитализација и смрт, и гледаме дека вакцините многу добро се држат соочени со тој исход“, рече Кејт О’Брајан, директорка на одделот за имунизација, вакцини и биологија на СЗО.

„Доколку немаме јасни докази за тоа што прават вакцините, за потребата за трета доза или за немањето потреба од трета доза и за перформансите на третата доза со текот на времето, во иднина ќе се доведеме во ситуација да имаме слаби докази за да даваме препораки“, додаде О’Брајан.

Претходно овој месец, СЗО повика на мораториум на трета доза вакцини до септември, за да им се даде пристап на посиромашните земји до вакцините.

Агенцијата претходно оваа година постави цел најмалку 10 отсто од луѓето во секоја земја да бидат вакцинирани до септември, 40 отсто до крајот на годинава и најмалку 70 отсто од секоја земја до средината на 2022 година.

Сваминанатан рече дека додека овие цели да бидат постигнати, ќе има повеќе податоци за третата доза.

Прес-секретарката на Белата куќа, Џен Псаки, на мораториумот и загриженоста на СЗО одговори дека „тоа е погрешна одлука“ и дека САД можат да донираат вакцини, а истовремено да им нудат и трети дози на Американците.

Администрацијата на Бајден рече дека Американците што примиле вакцина на Фајзер или Модерна треба да очекуваат да им биде понудена трета доза осум месеци по нивната втора доза, почнувајќи од септември.