Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Од Владата се категорични дека пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава ќе се спроведе во месец април. Од таму порачуваат дека за помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето. Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април годинава, а критичниот момент за оваа статистичка операција ќе биде на полноќ меѓу 31 март и 1 април.
Портпаролот на Владата Душко Арсовски вчера на прес-конференција порача дека на државата и е неопходен попис и секој граѓанин треба да придонесе да се спроведе оваа значајна статистичка операција која ќе даде податоци важни за проектирање стратешки планови за натамошен развој на државата.
– Методологијата е дефинирана, сите подготовки се во тек. Од 1 април почнува попишувањето на нерезидентното население, така што она што е извесно е дека оваа статистичка операција ќе се спроведе, изјави Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот за правда Бојан Маричиќ соопшти дека вчера бил информиран од Државниот завод за статистика дека подготовките за пописот одат во најдобар ред и дека за помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето на населението.
– Тоа што е многу важно е дека Евростат и директно потврди дека Законот за попис и методологијата се во согласност со ЕУ законодавството, односно највисоките стандарди за спроведување на ваква статистичка операција, објави министерот Маричиќ на Фејсбук.
Маричиќ апелираше да престанат сите деструктивни обиди за саботирање на пописот, бидејќи како што нагласи потребно е да се обединиме и конечно да почнеме заеднички да работиме за доброто на државата.
– Апелирам сите чинители својата политичка енергија да ја трошат во развојот и просперитетот на земјата. Тоа им го должиме на граѓаните, порача Маричиќ.
Државниот завод за статистика во вторникот го објави јавниот конкурс за ангажирање 5.055 реонски попишувачи и 506 реонски инструктори, кои ќе учествуваат во спроведувањето на пописот и кои во текот на март ќе бидат обучени за пополнување на апликацијата за попис, од страна на 150 државни инструктори, кои први ќе поминат низ обука наредната недела.
Директорот на Заводот, Апостол Симовски вели дека тоа што критичниот момент за пописот ќе биде на полноќ меѓу 31 март и 1 април значи дека починатите граѓани и родените бебиња по овој критичен момент нема да влезат во статистиката.
– Ние имаме критичен момент и ја гледаме состојбата заклучно со тој датум. Ако лицето било живо до тој момент, но починало пред да пристигнат попишувачите, тогаш тоа лице ќе се брои и ние ќе земеме податоци за тој човек. Од друга страна, ако се роди дете по критичниот момент, тогаш тоа бебе нема да влезе во статистиката. Тоа се прави за да се утврди точната состојба до одреден датум. Тој момент е полноќ помеѓу 31 март и 1 април, па сите податоци се собираат само до тој ден, вели Симовски.
Од 1 март започнува самопопишувањето, како и попишувањето на лицата во Армијата и во дипломатско-конзуларните претставништва. При пописиот ќе се почитуваат пропишаните здравствени протоколи, при што попишувачите ќе добијат маски и друга заштитна опрема, а кај болните и кај лицата во изолација ќе влегуваат со мантили и визири. Според Државниот завод за статистика, добро би било доколку сите инструктори и попишувачи бидат во приоритената група за вакцинирање.
Во врска со пописот вчера се огласи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, која изрази резерви околу безбедност во спроведувањето на пописот од здравствен аспект.
– Јас имам дилема дали во ваква кризна состојба каде можеби 15-тина држави, далеку поорганизирани од нас, го одложија пописот, некој ми гарантира за моето здравје или дали јас можам да му гарантирам на оној кој ќе дојде кај мене дека ќе остане здрав, изјави Силјановска Давкова.
Таа оцени дека во ниту една европска држава нема ваков попис, забележувајќи зошто не се попишува само резидентното население кое има постојано живеалиште во земјава, туку и оние кои што се надвор од државата повеќе од 12 месеци.
– Замислете ваков попис во Ирска или во соседна Грција, или во соседна Бугарија, или во Италија колкав ќе биде бројот на жителите, односно на вкупното население, реча Силјановска Давкова, додавајќи дека статистиката е потребна за утре да планираме здравство, образование, култура, социјална заштита, а не за политика.
Во исто време, блокот „Не отворам врата” вчера до Уставниот суд поднесе Иницијатива за уставна оценка на одредби од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите. Јанко Бачев, лидер на партијата Единствена Македонија, која е дел од Националниот блок „Не отворам врата”, изјави дека со иницијативата се оспоруваат член 8 став 1, член 34 став 1 и член 51 од Законот за попис, кои според него не се во согласност со член 7, член 8 став 1 алинеа 1, 2 и 3, член 9 став 1 и 2, член 16 став 1, член 19 став 1 и 2, член 39 став 2 и член 51 од Уставот на државата.
Извор: МИА