Од скитник до космонаут: 60 години од патувањето на Лајка

лајка

Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


„Ја замолив да ми прости, ја погалив за последен пат и заплакав“, вели рускиот биолог Адиља Котовска, 90-годишната научничка која се потсети на денот кога мелезот Лајка стана првото животно кое замина во вселената.

Советскиот сојуз ја лансираше Лајка во вселената со сателитот Спутник 2 пред точно 60 години, на 3 ноември, 1957 година. Само еден месец претходно во вселената беше испратен првиот сателит воопшто, Спутник 1.

лајка

Лајка во леталото преживеа неколку часа, претходно девет пати обиколувајќи ја Земјата.

„Тие девет кружења околу Земјата ја направија Лајка првиот светски космонаут. Беше жртвувана поради успех на идните вселенски мисии“, вели Котовска, горда на својата пионерска улога во работата со првото животно во вселената.

Пропаганден контекст на првата вселенска победа

Патувањето на Лајка за Советскиот лидер Никита Хрушчов беше упште една победа во вселенската трка со Американците. Во одлично темпираниот пропаганден потфат, лансирањето на Лајка се случи четири дена пред прославата на 40-годишнината од Октомвриската револуција.

Неколку кучиња пред Лајка беа лансирани на кратки подорбитални летови кои траеја по неколку минути, „за да се провери дали може да се преживее во бестежинска состојба“, вели Котовска.

Изборот на Лајка

За да се прилагодат на патувањето во капсулата долга само 80 см, Котовска ги подготвувала кучињата преместувајќи ги постепено во сè помали и помали кафези.

Кучешките кандидати поминувале и време во центрифуга, симулатор на гравитациска сила која се создава во текот на лансирањето, а биле изложувани и на слични нивоа на бучава.

Лајка беше мелез, најдена на улиците од Москва, стара околу 3 години и тешка 6 килограми.

„Биравме само женки бидејќи тие не треба да ја креваат ногата за уринирање, што значи дека им треба помал простор отколку на мажјаците. А скитници биравме оти ги има повеќе и имаат помали потреби“, објаснува Котовска.

Поради публицитет, кучињата требало да бидат фотогенични и да имаат имиња лесни за помнење. Лајка, секако, доаѓа од лаење. Таа била избрана за првиот лет бидејќи била паметна и послушна.

„Секако дека знаевме оти ќе загине за време на летот, бидејќи во тоа време немаше начин да ја вратиме назад“, вели Котовска.

Спутник 2 и големата лага на Москва за Лајка

Спутник 2 беше лансиран во 05:30 часот наутро по московско време, од Казахстан, местото на кое подоцна ќе се развие космодромот Бајкур.

„Од почеток сè беше во ред. Секако, за време на лансирањето срцето од Лајка почна забрзано да бие, но после три часа нејзиниот пулс се врати во нормала“, објаснува Котовска.

Ненадејно, за време на деветтата обиколка на Земјата, температурата во капсулата почнала да расте и достигна 40 степени Целзиусови. Изолацијата од сончевите зраци не беше доволно добра. Научниците се надеваа дека Лајка ќе може да преживее осум до десет дена, но почина од дехидрирање после само неколку часа.

Без оглед на нејзината смрт, советското радио со денови известувало дека Лајка е добро. Официјалната верзија била дека Лајка починала од отровот кој бил подметнат во нејзината храна за да биде поштедена од болна смрт при враќањето во атмосферата од Земјата. Москва до тие измислици се држела со години како официјална изјава.

Сателитот со остатоците од Лајка согорел во атмосферата пет месеци подоцна, на 14 април, 1958 година, некаде над Антилите.

Дали смртта на Лајка беше оправдана?

Еден од водечките научници кои работел на таа мисија, Олег Газенко, на пресконференција на крајот од ’90-те години изрази жалење за смртта на Лајка. „Колку повеќе минува времето, толку повеќе ми е жал. Не требаше да го направиме тоа. Од тој лет не научивме доволно за да ја оправдаме смртта на кучето“, изјави тој.

Првите животни кои беа лансирани во вселената и вратени назад живи беа мелезите Белка и Стрелка, кои патуваа со сателитот Спутник 5, во август, 1960 година.

Успехот на тие мисии ги разубеди советските власти да се впуштат во најризичната мисија – праќање на првиот човек во вселената. Во април, 1961 година, три и пол години после Лајка, Јуриј Гагарин стана првиот човек кој ја виде Земјата од вселената.