Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Чудото се случи, небото се отвори – Арсенал во четвртокот вечерта ја испрати првата официјална понуда на Монако за Килијан Мбапе со вртоглава сума од 100.000.000 (со букви – сто милиони) евра.
Оваа информација која ја пренесува доверливиот и угледен француски L’Equipe веста ја објави под вињетата „ексклузивно“.
Делува како научна фантастика, бидејќи од сите клубови кои се поврзуваа со француското чудо од дете, најмалку од сите Арсенал, а посебно Венгер, се очекуваше дека ќе ги извади на маса куферчињата преполни со пари и ќе понуди деветцифрена сума за Мбапе. Но, колку и да е тешко да се поверува во ова – вистината е таа.
Арсенал со овој потег ги стави на огромен тест најбогатите европски клубови, почнувајќи од мадридски Реал, преку Баерн, ПСЖ, до двата тима од Манчестер. Досега, околу името на Килијан Мбапе се вртеа суми од 70-80 милиони евра, со тоа што и тогаш беше јасно дека Монако ќе бара многу повеќе, па дури и актуелната сума која е извадена на маса – 100 милиони евра. Потегот од кој многумина (оправдано) се плашеа прв го направи Арсенал и така ја фрли ракавицата во лицето од директните конкуренти.
Овој потег, исто така, покажува колку Арсен Венгер е почитувач на ликот и талентот на својот млад сонародник. Никогаш досега Венгер не ни помислувал да се расфрла со толку пари кои можат да ги искешират само неколку клуба во Европа. Но, во Мбапе очигледно виде нешто повеќе, што го натера добро познатиот француски фудбалски „циција“ да ги прекрши своите одамна поставени постулати, закони и ветувања и да направи „сладок грев“.
Не е тајна дека Мбапе котира високо, можеби највисоко на листата на потенцијални аквизиции за ова лето. Сето она кое во моментов се случува е условено и од фактот дека Алексис Санчез и Месут Озил, луѓето со кои Венгер прв пат ги премина дотогаш ненадминатите граници на трансфер пазарот (првиот 42,5 милиони евра, а вториот рекордни 47 милиони, и двајцата заедно помалку од Мбапе), бараа од својот шеф листа на желби за сами да можат да си измерат дали имаат есап да останат во Лондон или не.
Дали поради тоа, а можеби и од новоразбудената желба за успех, Венгер реши да ја извлече змијата од џебот и да ја шокира цела фудбалска заедница. На ваков потег не можеа да се надеваат ниту најголемите фудбалски критичари, па ни почитувачите на прекалениот тренерски волк. А најмалку оние кои цела сезона го бркаа од клубот.
Дали токму овој потег, можеби дури и евентуалниот реализиран трансфер, воедно ќе му купи на Венгер место во срцата на навивачите? Веројатно да.
Но, во Арсенал имаат и „план Б“ во случај да пропадне бизнисот со Мбапе. Паралелно со чудото од Монако, Арсенал ја набљудува и ситуацијата во Лион и што ќе се случи со Александар Лакацете. Како што истакнува споменатиот L’Equipe, доколку Мбапе го избере Реал, што е речиси извесно (најмногу поради желбата да заигра во тандем со Кристиано Роналдо и тренер да му биде Зидан), или некој друг клуб, Арсенал моментално ќе се фокусира на доведување на еден од најдобрите француски и европски голгетери во моментов во својот дрес, кој воедно е и доста близу до заминување од дресот на Лавовите.
Сепак, првата опција е Мбапе и Арсенал, наводно, ќе направи сè за да го доведе момчето кое многумина го споредуваат со Тиери Анри. Што дава посебна симболика на целата приказна – Анри остави неповторлив печат во историјата на Арсенал и Топџиите ги водеше низ нивните златни години. Мбапе, ако ништо друго, би можел да остави трага како најскапо засилување во клупската историја (иако, доколку појде во Арсенал, нема да остане само на тоа).
А сето ова се случува непосредно откако Арсенал официјално објави дека Арсен Венгер останува и дека ќе добие нов договор.
Случајност? Не би рекле.