Од компликации поради коронавирусот почина Драган Вучиќ


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Популарниот македонски пејач, водител и шоумен Драган Вучиќ ноќеска почина на Клиниката за Инфективни болести во Скопје каде бил хоспитализиран пред извесно време.

Смртта, како што истакнуваат извори од болницата, настапила поради компликации од коронавирусот, а подолго време бил и со дијагностициран дијабет. Жалната вест ја соопштил неговиот син Мартин.

Драган Вучиќ е роден во Скопје во 1955 година. Беше автор на повеќе популарни песни како „Ангели ме носат“, „Кажи ѕвездо“, „Make my day“ со која неговиот син Мартин настапи на Евровизија во 2005 година, „Свирете ја зајди, зајди“ што во негова чест е закачена на официјалниот Фејсбук профил на фестивалот „Макфест“. Вучиќ во 90. години од минатиот век беше вокал на групата „Кода“ .

Беше автор на многу емисии од забавен карактер, како „Вашите 5 минути“, „Возење со Вучиќ“, а последен негов ТВ проект беше „Гурмански муабети“ што го снимаше во повеќето балкански земји со познати музичари, актери и јавни личности.