Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов реагираат во врска со изјавата на српскиот разузнувач Горан Живаљевиќ, дадена за српската агенција Танјуг.
Живаљевиќ не побарал дозвола, туку „по завршување на дејствијата и активностите во Собранието“, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и до советникот за безбедност на претседателот Иванов, дека бил во Собранието со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување, реагираат од Кабинетот на претседателот.
Претходно Живаљевиќ за Танјуг изјави дека за престојот во Собранието за време на крвавите настани на 27 април добил одобрение од советникот за безбедност на претседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски.
Од Кабинетот на претседателот велат дека посочениот советник на Претседателот Иванов не е овластено лице за пријавување на движење и престој на странски претставници и тој во конкретниот случај постапил согласно безбедносните протоколи, за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени.
„Согласно законите во Република Македонија, надлежен државен орган за комуникација со странски дипломатски претставници е Министерството за надворешни работи, додека посебна служба на Собранието на Република Македонија се грижи за редот во зградата. Кабинетот на Претседателот не е надлежен ниту овластен да дава дозвола за престој и одобрение за активности на странски претставници и дипломати во Собранието на Република Македонија“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.
Од Кабинетот наведуваат дека „изјавата на господинот Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него“.
„Фактите говорат дека критичниот ден пред да влезе во Собранието на Република Македонија, Амбасадорот на Република Србија, односно дипломатот не побарал писмена или усмена дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку откако го завршил дејствието известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието на Република Македонија“, се наведува во соопштението.
Кабинетот на претседателот Иванов наведува дека во изминатиот период реагирал до српскиот амбасадор да се прекине со злоупотреба на името на советникот, „со цел да го користи како алиби и да одбегне одговорност за непрофесионалното однесување“ на Живаљевиќ.
Во соопштението се наведува дека случајот со неовластениот престој на господинот Живаљевиќ во Собранието е затворен во постигнат договор меѓу службите.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ реагираше дека ниту МНР, ниту владата, ниту парламентот, ниту МВР или Агенцијата за разузнавање не добиле барање, ниту дале согласност и одобрение за присуството на српски „дипломатски претставник“ да влезе во македонското Собрание за време на крвавите настани на 27 април, откако српскиот претседател Алексадар Вучиќ претходно рече дека „Живаљевиќ ги прашал највисоките претставници на извршната власт во Македонија дали да биде таму, и тие се согласиле со тоа и биле претходни запознаени со неговото присуство“.