Од јуни можно е одобрување за организирање свадби


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Ако продолжи трендот на намалување на заразата со ковид-19, можно е од јуни да се одобри барањето на угостителите за организирање свадби и прослави под строго утврдени протоколи, потврди министерот за здравство Венко Филипче, пренесува 360 Степени.

Рестораните и понатаму би биле отворени само во надворешниот дел од локалот, а се размислува и за зголемување на капацитетот на гости на една маса. Предлозите ќе се дискутираат во рамки на Комисијата за заразни болести, посочи Филипче.

„Многу е веројатно да се случи, ако продолжат овие трендови на намалување, но не можам да тврдам. Мислам дека маските треба да се носат и понатаму, сѐ уште е рано да се тргнат како мерка. Понатаму, угостителските објекти да продолжат да работат само надвор, не внатре. Да се дозволат свадби после долго време, со протоколи во однос на пополнетост на капацитет во надворешни услови и евентуално да се излезе во пресрет на барањето за зголемување на бројот на посетители по маса. Сите други протоколи во однос на организација на настани соодветно е да продолжат и понатаму“, изјави Филипче.

Министерот Филипче најави и дека идната недела се очекува да бидат готови сертификатите со електронски код со податоци за вакцините, со кои ќе може да се патува низ европските држави. Во комуникација се, како што рече, сѐ уште со српските колеги, од каде што се чекаат податоци за граѓаните што примиле вакцина таму, за да може ревакцината да ја добијат во Македонија, ако не станува збор за „Астра Зенека“, која кај нас не се дава на лица под 60 години.

„Ние следната недела ќе го издадеме т.н ‘грин-пас’, тоа ќе биде оној електронски кју-ар код, во кој ќе има податоци за вакцината, ПЦР-тест и евентуално за антитела. Па кој било од трите параметри, ако се бара во која било европска земја, да може патникот да ги има со себе“, додаде министерот.

Во однос на испораките на вакцини, министерот најави дека се очекуваат 500 илјади дози „Синовак“ на почетокот на јуни, 100 илјади дози „Фајзер“ преку Ковакс, како и пратка од руската вакцина „спутник“ до крајот на мај, за која сѐ уште нема потврда. Филипче ги отфрли сомнежите во јавноста дека е можна политизација и прекин на соработката со руската амбасада за испорака на вакцини по протерувањето на рускиот дипломат од земјава, иако немале директна комуникација со амбасадорот во текот на вчерашниот ден.