Од една директорска функција на друга: Ејуп Рустеми ќе биде нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Јавното претпријатие (ЈП) за државни патишта во иднина ќе биде управувано од Ејуп Рустеми, кадар на ДУИ, којшто досега беше директор на АД „Пошти на Северна Македонија“, пренесува Мета. На директорската функција тој ќе го замени досегашниот директор Зоран Китанов.

Ваквата информација денеска ја потврди и премиерот Зоран Заев, којшто објасни дека од денеска почнува назначувањето на директорите на институциите кои се под надлежност на Владата.

– Дел од одлуките ќе бидат донесени денеска. Дел ќе бидат донесени одлуки за распишување на конкурс, бидејќи има институции кои своите раководни места ги бираат на конкурс. Има и дел од одлуки со кои ќе се дадат јасни упатства на управни и надзорни одбори поставени од Владата за политичко постапување на раководни места – изјави премиерот Зоран Заев.

Тој верува дека целокупниот процес на назначување директори ќе биде завршен за 10-15 дена, со исклучок на оние позиции каде директорите ќе се избираат по пат на јавен конкурс.

Инаку, Зоран Китанов беше директор на Јавното претпријатие за државни патишта од почетокот на август 2017 година. Неговиот наследник од ДУИ, Ејуп Рустеми беше именуван за директор на АД „Пошти на Северна Македонија“ во август 2018 година.