Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Два проектили паднаа во полско село на неколку километри од границата со Украина синоќа за време на најжестоките руски воздушни напади врз поголем дел од украинската територија. Загинаа две лица, а Полска оцени дека станува збор за руски напад и како земја членка на НАТО го активираше членот 4 пд Повелбата.
-Не сакам дефинитивно да кажам додека не заврши целосна истрага. Но, поради траекторијата на проектилите малку веројатно е дека се истрелани од Русија. Сепак ќе видиме што ќе донесе истрагата. Иако првичните информации зборуваа дека Русија е поврзана, прелиминарните истражувања го оспоруваат тоа тврдење, истакна американскиот претседател Џо Бајден за CNN во врска со овој инцидент.
Тој се наоѓа на Бали во Индонезија каде учествува на самитот на Г 20. Пред изјавите одржа итна средба со лидерите на Велика Британија,Франција, Германија, Јапонија, Италија, Канада, Холандија и Шпанија.
Бајден сепак смета дека одговорноста за влошувањето на состојбата е на Русија.
-Русија со своето делување и понатаму ја влошува состојбата во Украина, истакна Бајден во изјавата за CNN.
Претходно и полскиот претседател изјави дека најверојатно станува збор за проектил од руско производство, но нема конкретни докази кој го испукал.
Агенцијата „Асошиејтед прес“ повикувајќи се на тројца американски функционери кои сакале да останат анонимни, пишува дека прелиминарните проценки се дека проектилот го истрелале украински сили кои гаѓале руска ракета додека енергетската инфраструктура во Украина вчера беше пета на руски гранатирања.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ја обвини Русија и рече дека се случило она на што предупредувале подолго време, а тоа е дека теророт од Москва не е ограничен само во украинските државни граници.
Русија, пак, демантираше каква била вмешаност и обвини дека станува збор за намерна провокација со цел ескалација на ситуацијата и на руско-украинскиот конфликт.