Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Од денес, 10 март, со почеток во 22 часот, на цела територија на државата се враќа полицискиот час. Тој ќе трае до 5 часот наутро, а според владината одлука ваквата рестрикција во движењето ќе биде на сила до 22 март.
Одлуката ја донесе Владата вчера по предлог на Комисијата за заразни болести откако изминатите десетина дена беше забележан раст на бројот на заболени со ковид-19.
Комисијата препорача ваква мерка бидејќи, како што соопштија здравствените власти, било констатирано дека изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, како и непочитување на мерките за носење маска, држење дистанца и негрупирање.
Полицискиот час нема да важи за патниците кои доаѓаат или заминуваат кон аеродромите, а како дозвола ќе им се признаваат авионските карти. Истото важи и за другите патници од меѓународниот сообраќај. Исклучок има и за транспортерите на лица и стоки кои транспортот го спроведуваат во периодот кога на сила ќе биде полицискиот час, а за нив како дозвола ќе важи патниот налог. Транспортерите кои транзитираат во земјава, пак, ќе имаат обврска во рок од 3 часа да ја напуштат земјата.
Вработените во полиција, армија, безбедносно разузнавачки служби, здравствени установи, пак, ќе може да се движат слободно ама исклучиво за службени цели.
Оние граѓани кои ќе имаат потреба од итна медицинска грижа, исто така ќе може да излезат, но претходно ќе треба да се најават на телефонскиот број 192 во МВР.
За останатите вработени во фирми чии дозволи минатата година ги издаваше Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), важат истите решенија.
„Од дозволите за движење кои Министерството за информатичко општество и администрација ги издаде во текот на минатата година, продолжуваат да важат само дозволите издадени на барање на правни лица/институции, односно за движење на физички лица само за службени потреби. Сите физички лица кои ја добиле дозволата за службена цел, истата може да ја отпечатат од својата имејл адреса“, соопштија од МИОА.
Фирмите, порачуваат оттаму, за потребите на своите вработени да го користат истиот образец за издавање на дозволи што беше користен за време на вонредната состојба лани и за истото да го известуваат Државниот инспекторат за труд и МВР.
„За нови потврди, потребно е правните лица/институциите да поднесат барање за дозвола преку порталот uslugi.gov.mk. Дозволите за движење на вработените во институции, медиуми, пекари и бурекџилници, погребни претпријатија, аптеки и приватни здравствени установи, на порталот uslugi.gov.mk го поднесува раководителот на институцијата/директорот/овластеното лице во Централен регистар за своите вработени“, објаснуваат од МИОА.