Advertisements
Актуелно

Од Агенцијата за вработување тврдат: „Невработените не сакаат да работат“

Од вкупно околу 190.000 невработени лица во Македонија, само половина од нив активно бараат работа, известуваат од Агенцијата за вработување.

Останатата половина од околу 95.000 лица кои се на списокот на Агенцијата за вработување не бараат работа. Тие или се во сивата економија, или се надвор од државата. Од оние пак кој се активни баратели на вработување, откако Агенцијата ќе им најде работа, најчесто не се јавуваат на закажаното интервју или ја одбиваат работата која им е понудена, пренесува Алсат-М.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска се согласува со ставот на Светска банка дека невработените во земјава ниту сакаат да работат, ниту бараат работа.

„Имаме ситуација кога 70 посто од поканетите невработени лица не доаѓаат на интервју бидејќи не е задолжително. Законот не вели дека тие ќе бидат избришани или тргнати од евиденција. Од 30 проценти што ќе дојдат на интервју се упатуваат кај работдавачот, половина од нив одат на интервју кај работодавачот и најчесто се случува и тие што ќе отидат кај работодавачот, да не прифатат односно да ја одбијат понудата за работа. Причините поради која што тоа го прават се најразлични, односно невработените лица наведуваат дека најчесто не им одговара местото, смената, платата“, рече Билјана Јовановска, директор на Агенцијата за вработување.

Проблем, како што вели директорката е тоа што сите работодавачи се обврзани да објават оглас за вработување, иако претходно имаат најдено лице за таа позиција. Најави реформи во системот за да се знае точно кој реално бара и нуди работа.

„Невработените лица кога ќе го видат огласот и кога ќе се јават кај работодавачот тој им вели дека е пополнето или е направен избор и невработеното лице ја губи довербата кон нашата институција“, додава Јовановска.

Директорката кажа дека Оперативниот план за вработување годинава опфаќа 8.500 лица преку неколку мерки. Иако потребата од квалификуван кадар е еден од најголемите проблеми за работодавачите, за мерката која предвидува обуки за преквалификација интересот засега не е многу голем. Од 4.740 лица колку што е предвидено да бидат опфатени годинава, засега интерес да ја сменат професијата покажале 1.300 лица, од кои 500 млади. За преквалификација тие добиваат месечно по 150 евра од Агенцијата за вработување.

Advertisements
To Top