Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Десет концерти на три локации.
Jupiter & Okwess од Конго, ни гостуваат по втор пат, а нивното прво гостување беше многу еуфорично. Очекуваме тоа да се повтори.
Fighting Windmills се единствената домашна група, со одличен нов албум, со своја премиерна концертна промоција на Оффест.
Dirtmusic се ол-старс група со Крис Екман (The Walkabouts), Хуго Рејс (The Bad Seeds на Ник Кејв) и Мурат Ертел (Baba Zula), и ќе ги видиме во едно психоделично-рок издание. Автентичните Officina Zoe од Италија со својот хипнотички транс.
Од Тунис, ќе гостуваат Ifriqiyya Electrique со шаманско-индустриски-електро ритуал. Ориентален рок со најдоброто од Турција – Gaye Su Akyol и нејзината група.
Пополноќна afro-groove забава до утринските часови со DJ Mukambo од Белгија.
Магичните Barmer Boys ја продолжуваат вековната индиска музичка традиција.
Trans-Aeolian Transmission ќе ни приредат свој специфичен аудио-видео перформанс.
И за затворање на фестивалот, африканската кралица – Уму Сангаре. Најголемата африканска пејачка, која доаѓа од Мали.
Во четири вечери (31 мај – 3 јуни), концертите ќе се одржат во Младинскиот културен центар. На 31 мај и 1 јуни со почеток во 21 часот, а на 2 и 3 мај со почеток во 20 часот. Полноќната забава на 2 мај е со почеток после 24 часот во Клуб Епицентар. Завршната вечер е на 5 мај во Македонската опера и балет со почеток во 20,30 часот.
Билетите за четирите вечери во Младинскиот културен центар се по цена од 500 денари за вечер. Билетите за концертот на Уму Сангаре во Македонска опера и балет се со цена 1.200 денари за галерија и 1.500 денари за партер. Билетите за полноќната забава во Клуб Епицентар се со цена од 200 денари. Комплет билетите се со привлечна цена од 1.500 денари за девет концерти. Во комплетот билети не е вклучен само концертот на Уму Сангаре.
JUPITER & OKWESS
Јупитер Боконџи, симболичниот „Генерал на бунтовниците“, го врати почесното место на Киншаса, како центар на африканската музика. Опкружен со извонредниот состав Okwess International, тој во митската румба на Конго ги внесе фанкот и урбаните ритми. Богатиот звук на бендот го привлече вниманието на продуцентот Дејмон Албарн и Jupiter & Okwess станаа едни од најсјајните ѕвезди на турнејата Africa Express, организирана од Дејмон, настапувајќи на многу места, меѓу кои и на фестивалите Glastonbury и Womad. Нивниот последен албум „Kin Sonic“, објавен во 2017 година за Glitterbeat Records, продолжува со истражувањата и патувањата низ богатото музичко наследство на Конго.
FIGHTING WINDMILLS
Fighting Windmills е состав, формиран во 2007 година, во кој членуваат пет музичари од помладата македонска генерација. Музиката која ја создава оваа група не подлежи на никаква категоризација, сосем природно пронаоѓајки го својот идентитет во играта со повеќе жанровски и стилски извори, меѓу другите и со пост-рок, фри-џез, пост-панк, фолклор, амбиентална и современа класична музика. Во својата дискографија имаат пет албуми, а во моментов се актуелни со нивниот најнов албум „An Exercise in Surprise“, издаден во април 2018 година. Концертна промоција на новиот албум премиерно на ОФФест 2018.
DIRTMUSIC
Dirtmusic се формирани од американските музичари Крис Екман и Крис Броков и австралиeцот Хуго Рејс (The Bad Seeds), како “сирово” акустично блуз трио. Светски позната музичка група станаа речиси случајно, кога пред една деценија на фестивалот во Тимбукту тие се здружија со туарезите од групата Тамикрест. На Крис и Хуго им се придружи и Мурат Ертел (Baba Zula). Тројцата мулти-инструменталисти, од различен бекграунд, се соединија во еден заеднички јазик. И го издадоа фантастичниот албум „Bu Bir Ruya” во 2017 година за Глитербит рекордс. Пост-панк, турска психоделија, фанк, рок и електроника, сето ова на едно место.
Officina Zoé
Во Саленто, Италија, една од најзначајните културни експресии во регионот е „пицика“ или „пицика тарантата“, народен танц и музички стил кои што се спојуваат во едно. Officina Zoé веќе неколку години се меѓу главните чувари на “пициката”. Нивните настапи во живо провоцираат искуство на транс, со долгите интензивни и повторувачки вокални делници, силните, огнени и бесни перкусии и вртоглавата хармоника, кои заедно експлодираат во бесконечен танц. Уште од 1993 година Officina Zoé е најпознатата група која ја изведува традиционалната музика од регионот на Саленто.
IFRIQIYYA ELECTRIQUE
Ifriqiyya Electrique е уникатен проект. Повеќе од концепт, тоа е вистински адорцистички обред и транс кој што го практикува Банга заедницата од Тунис. Банга е древна музичка традиција карактеристична за јужниот дел на пустината во Тунис, со цврсти, метални перкусии и групирани гласови Настап на Банга музичарите во интеракција со електроника и засилувачи. Рекомпонирана музика, трансцендентална и пост-индустриска церемонија. Нивниот деби албум „Rûwâhîne“ објавен во мај 2017 година за Glitterbeat Records беше меѓу првите десет на светските музички листи во Европа и САД. Тоа е неверојатнo делo, неслушнато досега и тешко повторливо.
GAYE SU AKYOL
Пејачката Гаје Су Акјол растејќи во Истанбул, градот кој низ вековите привлекувал и спојувал различни култури, ја вдишува секоја длабока и слоевита историска одлика на секојдневието, заедно со древните корени на нејзиното семејство од Анатолија. Овие богати традиции се спојуваат за да формираат дел од звукот кој што таа го развива и совршените турски мелодии се испреплетуваат околу пикантните, вибрирачки гитари и ритми. Гаје Су Акјол е извонредно успешна во спојувањето на рок и “инди” музиката со препознатливиот турски звук. Нејзиниот последен албум „Hologram Ĭmparatorluğu“ е енергичен, моќно опоен и отровно убав. Тој беше проследен со брилијантна европска турнеја.
DJ MUKAMBO
Бенџамин Толет е белгиски музички новинар, глобален „грув” активист, радио-водител и продуцент и многу познат ди-џеј од Брисел. Неговото Радио Мукамбо се нурнува во светскиот „грув” и пулсирањата на градовите, при што афро-битот, етиопскиот грув, афро-латинските и афро-бразилските, сукус, арабеска и португалските звуци, како и хип-хопот, создаваат светска фузија без граници. Последните четири години Мукамбо е движечката сила на најголемата глобална „грув” забава во Брисел – „Groovalicious“. Во Скопје ќе настапи со поддршка од нашиот ди-џеј Шурбе, на пополноќна забава во Клуб Епицентар.
TRANS-AEOLIAN TRANSMISSION
Нов концепт: патување, компонирање, пишување и снимање, некаде на сосем непознати места каде што ниту музичката индустрија ниту агенциите некогаш ќе однесат западен музичар. Средби со музичари од различни светови, долги патувања и долг престој во срцето на последните градови од Патот на свилата. Неверојатна авантура меѓу пакистанската, таџикистанската и киргиската граница. Двајцата музичари од Trans-Aeolian Transmission, Франсоа Камбузат, ветеран од медитеранската панк и авант-рок сцена, и басистката Џана Греко, хероина на италијанската електрична музичка, го свират концертот заедно со проекцијата на документарниот филм за магичното патување што самите го снимиле.
BARMER BOYS
Barmer Boys се следната генерација на музичари кои ги продолжуваат вековно старите индиски музички традиции. Глобални амбасадори на современиот фолклор на Раџастан и Суфи музиката. Разновидноста на стиловите на ова трио и нескротливата енергија го надградуваат секој настап, почнувајќи од тажните Суфи калами, преку веселите свадбени песни, песните за љубовта и сеќавањата, до веселите „бит-бокс“ и ди-џеј џем-сејшни. Групата беше формирана во 2011 година за време на Amarrass Desert Music фестивалот во Њу Делхи, за потоа да ја маѓепса публиката на многу светски фестивали. Тројцата се волшебници на традиционалните индиски инструменти.
OUMOU SANGARE
Уму Сангаре е суперѕвездата од Мали, најголемата африканска пејачка и добитник на наградата Греми. Таа е Амбасадор на добра волја на Обединетите нации, добитник на International Music Award на УНЕСКО и Womex 2017 Artist Award Winner. Пејачка, композитор и посветен активист за правата на жените во родната Мали и целата Африка. Стилот на пеење на Сангаре е Васулу и затоа е позната како „песнопојната птица на Васулу“. Тоа е популарен музички жанр произлезен од народните традиции во руралниот југозападен дел на Мали. Токму тој стил ѝ донесе меѓународен успех и со него продолжува да ја доближува Васулу културата и традицијата до светската публика. Последниот албум „Mogoya“, кој многумина го прогласија за албум на годината во 2017, претставува ново возбудливо поглавје во нејзината кариера.