Од 2020 помали давачки за увоз на возила кои помалку загадуваат


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Данокот за увоз на возила кои помалку загадуваат се намалува со почетокот на следната година. Ова е планирано со предлог-законот за данок на моторни возила кој веќе е пуштен во собраниска процедура, а ќе важи од почетокот на следната година.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, пред претставниците на невладините организации, претставници на Министерството за животна средина и на Град Скопје ги презентираа промените што ги содржи новиот закон, пренесува Макфакс.

„Досега даночењето на возилата беше третирано исклучиво од фискален аспект на приходи во буџетот. Со новиот предлог-закон се стимулира набавката на еколошки возила. Најчесто купуваните возила меѓу 8 и 15.000 евра, со еуро стандард 5 или 6, ќе имаат дури и помал данок. Целта на новиот начин на оданочување на возилата е да се влијае на намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во текот на целата година“, рече Ангеловска.

Со новата регулатива, појасни таа, пресметувањето на данокот ќе се врши врз основа на две компоненти: вредноста на возилото и висината на емисијата на јаглероден диоксид кај возилото. На овој начин, еколошките возила со пониска стапка на емисија на ЦО2 стануваат економски поисплатливи за набавка во однос на оние кои повеќе загадуваат.

Танасоски нагласи дека за електричните возила воопшто ќе нема данок, како и за нови возила за прва помош и за погребални услуги. За возила наменети за такси превозни услуги, повратот на данок изнесува 25 отсто кај автомобилите, додека оние што имаат 7+1 и 8+1 седиште, ќе имаат поврат на данок до 80 отсто. Хибридните возила ќе подлежат на ослободување до 50 проценти од данокот.