Од 15 мај во оптек првите полимерни банкноти – еве што треба да знаете за нив


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Влегувањето во оптек на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари на 15 мај годинава е значаен момент во работењето на Народната банка на Република Македонија, пред сѐ во остварувањето на нејзината законски утврдената задача за издавање и управување со банкнотите и кованите пари на Република Македонија, соопштуваат од НБРМ.

Но, за да го дочекате подготвени тој момент и вие, неопходно е навремено да поседувате низа важни информации.

Затоа, НБРМ ги објавуви своите одговори на дел од вашите очекувани важни прашања.

ИМАМ КНИЖНИ БАНКНОТИ ВО АПОЕНСКА ВРЕДНОСТ ОД 10 И ОД 50 ДЕНАРИ. ШТО ДА ПРАВАМ СО НИВ ОД 15 МАЈ ПА НАТАМУ?

Од денот на влегувањето во оптек на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари, книжните банкноти во истата апоенска вредност веќе нема да бидат законско средство за плаќање. Но, доколку ги поседувате и на 15 мај, нив ќе можете бесплатно да ги замените за други банкноти или ковани пари во еквивалентен износ. При замената не мора да добиете исклучиво полимерни банкноти, туку може да добиете и ковани пари или, пак, книжни банкноти со апоенска вредност поголема од 50 денари доколку вкупниот износ на вашите книжни банкноти е најмалку 100 денари.

Од 15 мај годинава до 15 мај следната година, ќе можете да ја извршите замената во деловните банки во Република Македонија. Доколку и по 15 мај следната година поседувате книжни банкноти во апоенска вредност од 10 или 50 денари, ќе можете да ја извршите замената исклучиво во Народната банка на Република Македонија.

ШТО Е СО КОВАНИТЕ ПАРИ ВО АПОЕНСКА ВРЕДНОСТ ОД 10 И 50 ДЕНАРИ, ПО 15 МАЈ ГОДИНАВА?

И по 15 мај годинава, кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари ќе бидат во оптек, со што и натаму се законско средство за плаќање во Република Македонија. Тоа значи дека и натаму ќе можете да ги користите и за нив не треба да вршите замена за банкноти или ковани пари во еквивалентен износ.

КОГА И КАКО ЌЕ МОЖАМ ДА ИМАМ ПОЛИМЕРНА БАНКНОТА ВО АПОЕНСКА ВРЕДНОСТ ОД 10 ИЛИ 50 ДЕНАРИ?

Имајќи предвид дека станува збор за банкноти од ниска апоенска вредност, по 15 мај, нив ќе можете да ги добиете при вашите готовински плаќања или на шалтерите на деловните банки. Доколку банкнотите ви се потребни за колекционерски цели, можете да се обратите во Дирекцијата за трезорско работење на НБРМ.

ДАЛИ СО ПОЛИМЕРНИТЕ БАНКНОТИ ЌЕ МОЖАМ ДА ВРШАМ ГОТОВИНСКИ ПЛАЌАЊА ПРЕКУ АВТОМАТИТЕ ЗА НАПЛАТА (НА ПР. АВТОМАТ ЗА ПЛАЌАЊЕ ПАРКИНГ-УСЛУГА)?

Полимерните банкноти претставуваат платежно средство коешто може да се користи за готовински плаќања, исто како и сите други банкноти. Оттука, со нив ќе можете да вршите и готовински плаќања преку автоматите за наплата, откако фирмите коишто ги инсталираат овие автомати во Република Македонија ќе ги приспособат нивните софтвери за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари.