Обвинителството ќе постапува за случајот „Павле Богоевски“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Скопското обвинителство побарало МВР да го утврди идентитет на сопственикот на профилот Илија Громовник кој ја објави снимката на пратеникот Павле Богоевски, а на која наводно се слуша како народниот избраник нарачува кокаин. Наредбите се издадени со цел да се преземе кривичен прогон, соопштуваат од јавното обвинителството.

Од таму најавуваат дека се можни истраги и за пријавата на Богоевски за неовластено снимање од страна на таксист, но и за содржината на снимката.

Основното јавно обвинителство Скопје го очекува известувањето од Министерството за внатрешни работи во врска со наводите кои ги пријавил пратеникот во полициска станица, со пропратна документација. Околу содржината на снимениот разговор исто така ќе бидат направени проверки за да се утврди дали постојат елементи на сторено кривично дело, соопштуваат од обвинителството.

Во меѓувреме, метла за пратеникот од собраниските клупи побараа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Тие сметаат дека по објавата на снимките Богоевски повеќе не е достен да ја врши пратеничката функција.

Од пратеничката група на СДСМ, во која дејствува и Богоевски како независен пратеник, велат дека кривичната одговорност треба да ја бараат надлежните. Но за политичката одговорност од СДСМ сметаат на личната совест на пратеникот.

„Очекуваме сите надлежни и засегнати институции да постапат и да го разрешат случајот, секако и околу неовластеното снимање и емитување. Законите важат за сите подеднакво. Што се однесува до моралните аспекти, тие се на личната совест на секој пратеник, како на секој друг човек“, вели координаторот на СДСМ Јован Митрески.

ДУИ бараат „проветрување“ за сите јавни и партиски функционери. Ќе почнеле од самата ДУИ.

Од ЛДП не го коментираат случајот, но бараат легализација на лесните дроги.

Од кабиентот на собранискиот спикер Талат Џафери велат дека тој отвора постапки за народни избраници секогаш кога тоа го бараат Уставот и законите, но случајот на Богоевски не бил таков.

Во овој момент нема основ за каква било постапка. Претседателот на Собранието очекува дека надлежните институции ќе постапуваат ефикасно и целосно ќе го расчистат случајот, велат од кабинетот на Џафери.

Од Владата пак, се оградуваат. Велат немаат ингеренции за случајот.

Пред два дена на социјалните мрежи беше објавен снимка за која објавувачот тврди дека се слуша како пратеникот Богоевски нарачува кокаин. Богоевски на Фејсбук ја потврди автентичноста, но тврди дека нарачувал масло од канабис. Богоевски денеска не сакаше да дава изјави.

Извор: Сител