Обвинителот Рустеми денес сведочеше за „Рекет“ – утре ќе сведочи Лила Стојановска


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ на местото за сведоци седна обвинителот Бурим Рустеми. Во неговото сведочење тој откри детали за тоа како неговата бивша шефица од СЈО, Катица Јанева (обвинета во „Рекет“), побарала да се затвори случајот „Поштенска банка”, пренесува Фокус.

„Се сеќавам дека во еден момент Јанева побара да му се врати пасошот на осомничениот Томе Главчев со гаранција од имот, односно машини за производство на кошули, во вредност од еден милион евра. Дадов позитивно мислење и по дискусија со одредени колеги заклучив дека во ред била замената“, изјави Рустеми.

Тогаш се надоврза и на начелното правно мислење од Врховниот суд.

„При крај на јануари се донесе начелното правно мислење од Врховен суд кое предизвика некој хаос во постапувањето, тоа наликуваше на амнестијата на Иванов и предизвика удар врз предметите по кои постапуваме. Се отвори дилема како да се постапува по отворените предмети по 18 месеци. Еден од предметите беше и ’Поштенска банка‘. Колективно одлучивме дека рокот од 18 месеци не значи амнестија и да се продолжи.

На еден неформален состанок, отидов кај Јанева, и во еден момент изнесе едно размислување дека размислува да се утврди штетата во Поштенска банка и предметите да се затворат во СЈО и обвинетите да не добијат затворски казни. Ова размислување ме змисли и се прашував што е позадината. Меѓутоа, следните денови, прретпоставував дека Јанева сака да се повикува на мислењето од Врховен суд и да ги затвори истрагите во СЈО, зошто само таа варијанта до некаде ми изгледаше логична, раскажа Рустеми.

Тогаш сведочеше и за клучниот колегиум во април.

„Во април се случи колегиум и Јанева го повтори ова размислување, дека така треба да биде за Поштенска банка и Империја, а ние немавме можност да се произнесеме. Побара да изготвиме извештај за настанатата штета и обвинетите да не одат во затвор. Изготвив извештај, меѓутоа освен настанатата штета ја наведов и максималната ублажена казна на сите обвинети според Кривичниот Законик и го дадов на секретарката на Јанева, бидејќи немавме контакт за оваа проблематика“, рече обвинителот.

Тој додаде дека барањето од Јанева било апсурдно.

„Наведената варијанта беше апсурдна да се реализира, зошто спогодбите ќе бидат незаконски и нема да можат да поминат во судот“, заклучи Рустеми.

На прашањето дали имал напатствија од Јанева за определена недвижност, Рустеми рече:

„Врз целиот имот се подготвуваа предлозите да се забрани отуѓување. Сакам да наведам еден момент, дека за еден стан, кој се наоѓа во Скопје, а беше на едно од друштвата на Главчев, Јанева побара да се тргне тој стан од предлогот за замрзнување, бидејќи бил веќе продаден на нејзина пријателка, па да не и се наштети. Го сторив тоа, и предлогот го доставив во суд“, рече Рустеми.

Тој појасни дека се согласил со тоа зошто не се сомневал дека не е така како што кажува Јанева.

„Се работеше за голем имот, па тој стан немаше голема улога. После неколку месеци разговарајќи со колешката Лиле Стефанова, таа знаеше за станот, и по нејзините проверки дознала дека можно е сопственик на станот е Сашо Василевски, екс директор на МЕПСО и член на Советот на јавни обвинители. Таа информација не ми беше пријатна“, рече Рустеми.

Во рамки на рочиштата за „Рекет“ треба да сведочат и водителката Лила Филиповска, апелацискиот судија Мери Дика-Георгиевска и шефицата на кабинетот на Катица Јанева, Сања Димовска.