Обвинетите за убиството на ракометарот Тот: „Не сакавме да се случи ова“


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Денеска во скопскиот Основен кривичен суд продолжи судењето за убиството на 27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот што се случи на 7 април годинава пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

Откако на минатото рочиште обвинителката Тања Трајчевска даде воведни зборови, а тројцата обвинети Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19) рекоа дека не се чувствуваат виновни, денеска тие со своите адвокати ги дадоа воведните зборови, пренесува 360 Степени.

Сите рекоа дека жалат за настанот и дека не сакале да дојде тоа што се случи.

„Сакам да изразам сочувство до фамилија. Во ниеден случај не сме имале умисла ниту сме сакале да дојде до нешто такво“, рече обвинетиот Анџело.

Истото го кажа и обвинетата Клементина.

„Никој од нас не сакал, јас најмалку, да се случи тоа што се случи“, рече обвинетата девојка.

И обвинетиот Андреј изрази жалење и сочувство кон семејството на починатиот.

Нивните адвокати, пак, во воведните зборови настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.

„Од доказите со кои располагаме ќе докажеме дека Анџело не можел со еден единствен удар со рака да му нанесе смртна последица на сега починатиот Денис Тот и дека тоа било причината за смртниот исход. За нас останува нејасно и не знаеме како јавниот обвинител во оваа кривична постапка ќе ја докаже умислата кај Анџело, дека рој го сакал сторувањето на ова кривично дело бидејќи умислата претставува единствен важен момент за да опстојат самото обвинение и кривичното дело за кое се обвинува”, рече адвокатот на Анџело, Иле Танев.

И адвокатот Бојан Василевски, бранител на Клементина, рече дека не може овде да има кривично дело убиство бидејќи неговата клиентка немала умисла, односно намера да го убие и, како што рече, можеби има друго кривично дело од кое како последица настанала смрт.

„Дејствијата евентуално може да бидат друго кривично дело, а не тоа за што се обвинети. Крајно, сакаме да нагласиме дека како што термините право и правда имаат многу заеднички карактеристики, а не се исти, така и последицата смрт од едно кривично дело и кривичното дело убиството имаат заеднички карактеристики, но не секогаш смртта на едно лице претставува убиство“, рече адвокатот.

Адвокатката Бранкица Миланова, која е бранителка на обвинетиот Андреј, исто така, смета дека правната квалификација не треба да биде убиство бидејќи немало никаква умисла.

„Од исказите на сведоците ќе докажеме дека целата вечер во дискотеката немаше никакви проблеми помеѓу обвинетите и сега починатиот Денис Тот за да постои каков било мотив или умисла за сторување на делото. Од исказите ќе докажеме дека оштетениот беше во видно алкохолизирана состојба, иако тоа за некое чудо не е утврдено и таков податок немаме. Не се утврдени промили на алкохол во крвта на оштетениот. Од вештачењето и вештите лица ќе докажеме дека животонзагрозувачките повреди во овој настан се резултат на падот. Ниту едно дејствие на Андреј не може да биде причина за смртна последица. На крај да напоменам дека не смееме да дозволиме во предмети кои се јавно експониран да се оди со потешки правни квалификација кои реално не одговараат на доказите“, рече Миланова.

Обвинителката Тања Трајчевска, пак, на минатото рочиште ги даде своите воведни зборови во кои го опиша кобниот настан. Расправијата на тројцата обвинета со ракометарот започнала во такси-возило, а потоа продолжила и надвор од него. Преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, прво тупаници од кои паднал на асфалтот. Додека лежел, пак, според обвинителството, добил повеќе удари и со нога и со рака по главата и телото. Од тешките повреди Тот паднал во коматозна состојба, кај него било констатирано и нагмечување на мозокот, дошло до прекин на активноста на мозочните неврони, а сето тоа наредниот ден (8 април) резултирало со смрт.