Обвинетиот за обид за силување градоначалник: Вистината излезе, остануваат дамките


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Откако обвинителството од Пробиштип пред неколку дена ја отфрли кривичната пријава за обид за силување против градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, што беше поднесена пред околу еден месец, тој вели дека животот повторно му се враќа во нормален тек, но сеуште останале многу неодговорни прашања. Не му било јасно зошто се случил целиот настан, за кој што првично дознал од медиумите, но иста така тврди дека дознал и за отфрлањето на кривичната пријава преку медиумите, а не од институција надлежна за вакви случаеви.

Драго ми е што овој немил настан е зад мене и зад моето семејство. Веста дека сум бил пријавен за обид за силување ја дознав од медиумите, не од полиција или од обвинителство, еве сега веста дека пријавата е отфрлена, повторно ја дознав од медиумите. Ниту еднаш не бев повикан во полиција, никој не ме праша ништо, ниту пак разговараше со мене за случајот. Уште на почетокот, покрај сите стресови кои што се нормални кога е вакво обвинување во прашање, моето семејство застана покрај мене. На сите дома им беше јасно дека нема ниту трошка вистина во обвинувањата. Истото го знаат и моите пријатели, сите луѓе кои што добро ме познаваат. Ниту еден од нив никогаш не се посомнева дека сум виновен, во ниту еден момент. Но сите останати, цела јавност, луѓе кои што никогаш немале контакт со мене и кои што не ме познаваат лично, нормално дека ќе се сомневаат. Дамката останува засекогаш, тоа е факт, и покрај тоа што немилиот настан е зад мене, вели Тоневски за Фокус.

Кривичната пријава против градоначалникот беше поднесена од вработена во општината, која тврдела дека тој се обидел да ја силува. Таа сеуште доаѓала секој ден на работа во општината и градоначалникот во неколку наврати ја сретнувал во општинската зграда  после пријавата.

Вработената доаѓа на работа, но се однесува како ништо да не се случило. Темата е завршена и нема што да разговарам со неа повеќе за настанот. Не ми е јасно зошто се случи сето ова, бидејќи не се работи за било какво обвинување, туку за нешто кое што како што кажав уште минатиот месец, јас го гледам исто како обвинување за убиство. Се надевам дека времето ќе си го стори своето, дека животот на сите инволвирани ќе ни се врати во нормала, иако ова е нешто кое што не се заборава лесно, ниту од мене и моето семејство, а уште помалку од јавноста, изјави Тоневски.

Од обвинителството велат дека не нашле доволно елементи за кривично дело, а градоначалникот веднаш по обвинувањата го демантираше настанот, тврдејќи дека се работи за местенка.

Извор: Фокус