ОБСЕ/ОДИХР: Конкурентни избори со недоверба во институциите – следуваат неопходни реформи


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Конкурентни избори кои се суштински чекор во решавањето на двегодишната длабока политичка криза, кои се одвиваа во средина на широко застапена недоверба во институциите и политичкото уредување, е оценката на меѓународните набљудувачи во првичните заклучоци по изборите.

Специјалниот координатор и предводник на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ, Роберто Батели, вели, високата излезеност на гласачите е нивната порака дека ја сфатиле својата улога за иднината на Македонија, а дека останува на политичарите да работат на одржливи реформи.

Амбасадорката Тана Де Зулиета која ја предводи набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, рече дека одложувањето на соопштувањето на првичните резултати од вчерашното гласање од страна на ДИК „не значи дека нужно укажува на неправилности“.

Меѓународните набљудувачи наведоа  дека за време на овие избори, некои од препораките за подобрување на изборното законодавство на ОДИХР и Венецијанската комисија на Советот на Европа не се земени предвид и одредени одредби се двосмислени.

Земјата се наоѓа на нов крстопат кој отвора пат  кон нормализирање на политичкиот живот. Сите засегнати страни сега мора да ја докажат својата заложба  за водење на земјата по тој пат, рече Стефан Шенах, шеф на Делгацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Според него, различните етнички заедници веќе докажале за време на минатогодишните протести дека во земјата може да се работи на заедничка цел.

Сега целата земја мора да ја замени етничката сепарација со соработка на која ќе се темели градењето на нацијата, рече Шенах.

Тој воедно порача дека неприфатливо е заплашување на гласачите и притисокот врз јавните службеници кои се забележани од страна на набљудувачите, и дека од денес треба сериозно да се работи на реформите поврзани со медиумите и избирачкиот список.