Облачно со снежни врнежи, планинските превои под снег


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Облачно со врнежи од снег, најпрво во северните и западните, а до крајот на денот и во останатите делови од земјава. Во јужните делови најпрво врнежите ќе бидат од дожд, а потоа ќе преминат во снег.

Пообилни врнежи се очекуваат во попладневните и ноќните часови. Насекаде ќе се формира снежна покривка, на планините и до 50 сm. Ќе дува умерен, попладне засилен северен ветер, но во јужните делови претпладне ветерот ќе биде јужен.

Утринските температури ќе се движат од минус 4 до 2 степена, додека дневните ќе бидат во интервал од минус 1 до 8 степени.

Во Скопје и околината слично време со утринска температура околу -2 и дневна до 1 степен.

Врнежи од снег ќе има и во петок, особено претпладне, но со намален интензитет. Насекаде ќе се формира снежна покривка, на планините и до 50 сm. Од утре попладне до сабота ќе дува засилен, повремено силен северен ветер, поради што на места ќе има и снежни навеви. За време на викендот облачноста делумно ќе се намали и ќе биде многу студено.

Сообраќајот на патните правци низ државата се одвива по претежно влажни коловози во западниот и југозападниот дел од државата, а во останатите делови од државата коловозите се наместа влажни.

Во раните утрински часови врнежи од снег со послаб интензитет се бележат во Крива Паланка, Страцин, Куманово, Тетово, Гостивар, Скопје планинскиот превој Стража, Кула и Маврово. На Попова Шапка врнежите од снег се со среден интензитет.

Врнежи од слаб дожд се бележат во Охрид и Дебар..

Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – М.Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија – Удово, Катланово-Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Од 15. ноември на сила стапи законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема на возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.март 2017 година.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.