Објавен целиот разговор меѓу Груевски и Јанкуловска за убиството на Мартин Нешковски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бившиот премиер, актуелен осуденик во бегство и политички азилант, Никола Груевски, преку Фејсбук упати критики и обвинувања до владејачката СДСМ и премиерот Заев за манипулација со снимките од „бомбите“ за Мартин Нешковски, Никола Младенов и Смилковското езеро.

Во Фејсбук пост објавен доцна синоќа, експремиерот кој избега во Унгарија, повторно обвинува дека било манипулирано со снимките од „бомбите“ кои, тогаш, опозицискиот СДСМ ги објавуваше во 2015 година. Груевски особено се фокусира на снимката од неговиот разговор со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со убиството на Мартин Нешковски.

„Монтираниот аудио материјал за убиството на Мартин Нешковски имаше цел да биде најемотивната ‘бомба’ чија ‘експлозија’ требаше да ги извади луѓето на улица, во шатори пред владата и да предизвика насилни протести со многу повредени полицајци, со цел кулминација на политичката криза која ја создаде“, порачува Груевски преку својот пост на Фејсбук во кој алудира на актуелниот премиер Заев.

„Во таа криза ја гледаше својата шанса за доаѓање на власт, бидејќи поинаку беше инфериорен и беше и остана неконкурентен политичар надвор од локалното ниво, по речиси сите критериуми.“

Груевски во продолжение постира линк на кој ја имаше целосната снимка од неговиот разговор со Гордана Јанкуловска за случајот со Мартин Нешковски која ја објавил фамозниот „Ел Чека“.

Но, снимката на „Ел Чека“ во меѓувреме е избришана и разговорот во својата целовитост, како што тврди Груевски, е недостапен за пошироката јавност.

Груевски понатаму го обвинува Заев за „фашистичка монструозност“ префрлајќи му дека го „измамил народот со купишта вакви фабрикувани материјали и измами.“

„Прво монтирани снимки кои создаваат “експлозија од емоции” кај народот, а потоа по доаѓањето на власт нова измама преку притисок и наредба на судиите да ги прифатат овие монтирани снимки како клучни докази и шокантно и без објаснување како никаде во светот, да не прифатат нивно судско вештачење на нивната целовитост и автентичност“, пишува експремиерот.

Видеото подолу е ембедирано од рускиот сајт Рутубе.ру. Таратур не одговара за автентичноста на истото и се оградува од објавениот материјал. Таратур не одговара во однос на вистинитоста на материјалот, нема информација за времето кога тој е снимен, ниту содржината.