Објавен обвинителниот акт за „Рекет“: Еве за што се товарат со обвиненија Боки, Кичеец и Јанева


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Откако ја заврши сеопфатната и темелна истрага во врска со случајот „Рекет“, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска до Основниот кривичен суд го поднесе обвинителениот акт за овој случај кој се води против тројца македонски државјани.

Две од обвинетите лица(Катица Јанева и Зоран Милески) се товарат дека сториле кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ предвидено и казниво по член 359 став 7 во врска со став 3 во врска со став 2 во врска со член 22, a на првообвинетиот(Бојан Јовановски) му се става на товар и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело “ по член 273 став 1 од Кривичниот законик.

Второобвинетото лице (Катица Јанева) се товари дека сторило кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ – казниво по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Имено, првообвинетиот во периодот од месец ноември минатата година до месец април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз второобвинетото лице – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Третообвинетиот битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот (Ана Камчева), а подоцна и со сведокот (Орце Камчев), притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител.

Второобвинетата го прифатила влијанието на првообвинетиот и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување. Откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, второобвинетата до Апелациониот суд – Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, кој предлог бил прифатен од страна на судот. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот.

Со преземените службени дејствија второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра. Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Ценејќи дека се исполнети условите предвидени во Законот за кривична постапка, со Обвинителниот акт, до Основниот кривичен суд – Скопје е доставен и Предлог за продолжување на изречените мерки за обвинетите.