Објавен нон-пејпер договорот кој Бугарија го прифатила во Берлин, па се премислила и се повлекла


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На средбата помеѓу Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија, со Бујар Османи и Никола Димитров од македонска страна, под посредство на Германија, која минатата недела се одржа во Берлин, Бугарија прво прифатила нон пејперот за надминување на блокадата, а потоа се премислила.

Договор со кој се надминува историскиот спор помеѓу Македонија и Бугарија бил постигнат минатата недела на состанокот во Берлин, но Софија подоцна се повлекла. Нон – пејперот за договореното го објави австрискиот новинар Кристијан Фердинанд. Двете страни главниот компромис го направиле во однос на македонскиот јазик, со тоа што на Бугарија и се понудила можноста преку декларација, како анекс на Преговарачката рамка, да соопшти дека под „македонски јазик го подразбира јазикот согласно Уставот на Република Северна Македонија“.

Документот, кој се смета за необврзувачки, се состоел од девет точки во кои се адресираат актуелните спорни точки меѓу Софија и Скопје.

Во првата точка се потврдува посветеноста на Бугарија, Македонија и Германија на ЕУ перспективата на Западниот Балкан и на зајакната регионална соработка.

Во втората точка било предвидено дека Бугарија се согласува да дозволи одржување на Меѓувладината конференција меѓу земјава и ЕУ во декември 2020.

Според третата точка, Македонија се согласува да им соопшти на земјите-членки на ЕУ дека кусото државно име- Северна Македонија „се однесува единствено на политичкиот ентитет „Република Северна Македонија“.

Четвртата точка и го дава на Бугарија правото, со унилатерална изјава како додаток на преговарачката рамка, да соопшти дека „под македонски јазик го подразбира македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Северна Македонија“. Германското претседателство ќе побара од Советот на ЕУ да ја земе в предвид бугарската позиција. Македонија е подготвена официјално да соопшти дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година.

Останатите неколку точки содржат изјави за подготвеност на двете земји да ја продлабочат билатералната соработка. Шестата точка го потврдува членот 11 од Договорот за добрососедство на начин што Бугарија уште еднаш добива потврда од македонска страна во однос на барањата за признавање на македонско малцинство на нејзина територија.

Понатаму, двете држави се обврзуваат да продолжат да работат на развој на Коридорот 8 како приоритет, да започнат заедничка иницијатива за млади луѓе, медиумски проекти и збратимување на градови.

Во последната точка се изјавува загриженост поради пандемијата на корона вирусот и се акцентира потребата од блиска соседска соработка и соработка со ЕУ на ова поле.

Иако договорот во Берлин бил постигнат, бугарската министерка за надворешни работи Захариева веднаш по враќањето во Софија одржа прес конференција на која отфрли било каков компромис помеѓу двете земји.