Објаснето секој да разбере: Што е фамозниот Ханта вирус од кој починаа таткото и синот на Инфективно?


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Таткото и синот од гостиварското село Симница, кои починаа на Клиниката за инфективни болести имале Ханта вирус, најчест причинител на акутни хеморагични трески со бубрежен синдром во овој регион, објави министерот за здравство Арбен Таравари. Информацијата за смртта предизвика страв во јавноста и паника во Гостиварско. Инфектолозите и здравствените власти смируваат со објаснување дека заболувањето не се шири од човек на човек, пренесува Факултети.мк.

– Со високо сензитивните техники е потврден етиолошкиот агенс-Хантан вирус, најчест причинител за акутни хеморагични трески со бубрежен синдром во овој регион. Ве известуваме дека ова заболување не се пренесува од човек на човек. Министерството за здравство и понатаму ќе ја следи ситуацијата – изјави министерот Таравари.

Го пренесуваат глувци

Резервоарот на инфекцијата при хеморагична треска со бубрежен синдром, објаснуваат од Институт за јавно здравје-ИЈЗ, е полски глушец, а вирусот се пренесува на луѓето преку изложеност на телесни течности или излачувања или, пак, во директен контакт со глувци. Вирусот се излачува во животната средина преку урина, измет и плунка на заразените глувци кои немаат никави симптоми на болеста. Човекот може да се зарази преку директен контакт со секретите од глувци, преку оштетена кожа или слузокожа на очи, уста, нос, конзумирање на загадена храна или вода, како и вдишување на прашина која содржи суви секрети. Инфекцијата се јавува само при свежа контаминација на околината со секрети од глувците кои го содржат вирусот.

Периодот на инкубација, односно времето што поминува од моментот на инфекција до почетокот на болеста се движи од неколку дена до речиси два месеци, обично две до четири недели.

ХТБС е распространета низ целиот свет. Притоа, во различни делови од светот разболуваат различни вируси, предизвикувачи на оваа болест. Вирусот Ханта е широко распространет во источна Азија, особено во Кина, Русија и Кореја. Овој вирус името го добил по река која ги дели Северна и Јужна Кореја, каде што американски војници се заразиле со заразата во текот на Корејската војна во 1950 година. Освен што ги напаѓа бубрезите, може да предизвика и заболувања на белите дробови.

Кои се знаците на болеста

Болеста, велат лекарите, се карактеризира со висока температура, малаксаност, гадење, повраќање, крварења по кожата, слузокожата, внатрешните органи и oштетување на бубрезите. Смртноста од болеста е помеѓу 0,5 и 15 проценти.

– Во Република Македонија, хеморагичната треска со бубрежен синдром подлежи на задолжително пријавување од 2004 година. Во 2009 и во 2016 година се пријавени по еден случај од ова заболување, а во текот на 2017 година, потврдени се 5 случаи. Во Европа во текот на 2017 година се забележува зголемување на бројот на случаи во Австрија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Франција, Германија, Луксембург, Словенија, Словачка, Албанија и Турција – информираат од ИЈЗ.

Болеста има сезонски карактер, најголем број на случаи се регистрираат во пролет, почеток на летото и есента, кога повеќе луѓе престојуваат на отворено. Човекот може да се зарази при работа во градина, на поле, во шума или при рекреативни активности на отворено, како кампување, излети, пливање во диви капалишта и слично.

Како да се заштитиме?

Постојат два начини на превенција, објаснуваат од ИЈЗ. Едниот е со уништување или намалување на бројот на глодари со спроведување на дератизација, а другиот е намалување на можноста за контакт со дивите глодари и нивните излачевини секрети.
Инаку, уништување на глодарите се врши под надзор на стручни служби во и околу населените места во близина на жариштата, преку поставување на мамци каде најчесто се забележани глувците (штали, амбари со жито, подруми).

За да се намали потенцијалната изложеност на резервоари на инфекција, потребно е да се избегнува престојување во природните жаришта, на места со бујна вегетација на грмушките каде се размножуваат глодарите. Од суштинско значење е храната и водата за пиење да се чуваат во соодветни услови за да се спречи пристапот на глодари, особено за време на престој во поле, шума, при пикник. Треба да се избегнува директно лежење на земја, особено ако на теренот е забележано присуство на глодари. Површините кои се контаминирани со глодари и нивни излачувања прво треба да се испрскаат со средство за дезинфекција (на пример варикина) и да не се чисти со метла или правосмукање (да се избегне кревање на прашина), туку со употреба на влажни крпи натопени со средство за дезинфекција. При работа на терен при која се подига прашина, треба да се стави маска преку носот и устата. Доколку по поминато време на отворено се јават знаци или симптоми типични за болеста, треба итно да побарате медицинска помош.