Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Денес, на глобално ниво, Обединетите нации ја започнуваат кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ Претседателот Стево Пендаровски се вклучи во глобалната кампања чија цел е подигање на свеста за заштита и спречување на насилство врз жени и девојчиња и родово базираното насилство, пренесува 360 Степени.
Во знак на поддршка на кампањата, кабинетот на претседателот во Вила „Водно“ е осветлен во портокалова боја.
Претседателот Пендаровски во пораката истакна дека е нужно секој од нас да има нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство, во секоја сфера – во семејствата, во училиштата, во институциите, на работните места, на интернет, во медиумите, на јавните простори.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, родово базираното насилство кое претставува преовладувачки мотив во делот на семејно насилство, е предизвик со кој сите модерни општества сериозно се занимаваат.
„Општествената заедница во целина, ние како претставници на клучните институции надлежни за овозможување на услови за практикување на сите човекови права и слободи, работиме во насока на препознавање на родово базираното насилство и насилството врз жената, негово навремено детектирање и активен однос при преземање мерки за негова превенција. Тоа е така не само поради веќе воспоставениот концепт за нулта толеранција, туку и поради повеќе од очигледниот факт дека оваа социодевијантна појава има потенцијал за крајно деструктивни рефлексии врз директните и индиректните жртви од овој вид насилство“, посочи Спасовски, кој денеска учествуваше на онлајн-настанот „16 дена активизам против родово базирано насилство“,
Спасовски додаде дека прашањето е особено значајно во периодот на пандемија, што подразбира воведување рестриктивни мерки кои произлегуваат од кризната состојба, пред сѐ поради ризикот проблемот да добие нагорни тенденции.
„Репресивното постапување на полицијата, како легален и легитимен одговор, согласно законските надлежности и полициските овластувања, е извонредно значајно. Но, уште поважно е системското превентивно дејствување, како резултат на заедничкиот координиран пристап на институциите, со цел да обезбедиме уште поголема ефикасност во спречување на родовото насилство и насилството врз жената. Впрочем и оваа кампања, што денеска стартува, треба да ја исползуваме како еден од инструментите што ни стојат на располагање во насока на превенирање на родово базираното насилство“, нагласи Спасовски.
Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека најавениот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е добра основа за унапредување на борбата против овој тип насилство, но посочуваат дека тој целосно треба да се применува, заради што апелираат сите институции кои имаат надлежности во оваа сфера навремено да се подготват.
Според нив, поради справувањето со пандемијата на ковид-19, една од мерките била и повлекување во домовите како превентивна мерка за заштита на јавното здравје, во светски рамки се зголемило насилството врз жените и ја намалило можноста институциите да постапуваат соодветно. Но, посочуваат, голем проблем претставува и недовербата на жртвите во државата и непријавувањето на насилството.
„Хелсиншкиот комитет за човекови права од самиот почеток апелираше сите релевантни институции соодветно и навремено да постапуваат по пријавите за семејно и родово базирано насилство, за да се спречат фаталните последици кои може да ги предизвика насилството, особено во домот. Она што беше од особена важност овој период, е овозможувањето поддршка и охрабрување на жртвите за да го пријават насилството. Искуството покажува дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето од страна на жртвите, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви, велат од оваа организација.
Од почетокот на годинава Хелсиншкиот комитет регистрирал 23 случаи на семејно и родово базирано насилство, за кои била обезбедена бесплатна правна помош. Во споредба со претходните години, ова не укажува на постоење тренд на пораст на пријавите, што неминовно повторно упатува на ниското ниво на доверба во постапувањето на институциите по ова прашање.