Ново рочиште за „Плацеви на Водно“: Сведочеа секретарката од Алек Теранова и сосетката од Груевски


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Денеска, во рамки на новото судско рочиште за случајот „Плацеви на Водно“, како сведоци беа повикани секретарката на бизнисменот Александар Ивановски познат како Алек Теранова и поранешната сосетка на бившиот премиер Никола Груевски на кого му се суди во отсуство во овој случај.

„Директорот Александар Ивановски ми рече дека треба да се купи стан за Никола Груевски, поранешниот премиер за да не го прислушуваат, всушност да не дојдат некои непознати соседи до него во зградата на улицата Бихаќка“, изјави во својот исказ пред судот Татјана Стојановска, секретарка на бизнисменот Ивановски (Теранова), на рочиштето познато во јавноста како „Плацеви на Водно“, пренесува Нова ТВ.

Таа сведочеше, откако претходно свој исказ во судот даде и поранешна сосетка на Груевски која според нејзиното сведочење продала стан на луѓе овластени од Груевски во истата зграда во која Ивановски побарал од својата секретарка да се купи стан.

За овој стан, секретарката на Ивановски имала имотен лист на нејзино име, но откри дека никогаш не добила клуч од станот, ниту пак влегла во него, а на прашање на обвинителката Лиле Стефанова како го купила станот, односно кој и дал пари за тоа сведокот објасни дека парите веќе биле во агенцијата за недвижности „Асторија“ каде што овој стан бил на оглас за продажба, дека таа не дала свои пари и дека откако дошол човек од доверба на Груевски работата била завршена и на нотар.

Од сведочењето на Стојановска се дозна и дека имало уште еден стан кој наводно бил купен за Груевски, но него го купила градежна компанија. Стефанова го праша сведокот и за работната позиција во компанијата во која работела во периодот кога биле купувани становите и за висината на нејзината плата, која, според исказот на Стојановска изнесувало 25.000 денари и тоа во време од 2008 до 2012 кога работела во компанијата Имка инжинеринг .

Стојановска, објасни и дека едно време била управител на компанија која била основана за да учествува на тендер кога било купено градежно земјиште на Водно.

Претходно сведочеше Бисерка Јовковска-Ќаева, чиј стан, според обвинението, го купил обвинетиот Никола Груевски на улицата „Бихаќка” под туѓо име, кога во јавноста кажуваше дека живее во еден стан на мајка му.

Овој стан пред да го купи Груевски преку Стојановска, според обвинението, бил на сведокот Јовковска-Ќаева и на нејзиниот сопруг, но не живееле во него постојано. Бил до станот на семејството на тогашниот премиер Груевски.

„Кој живееше до станот до вашиот, а кој бил поголем?“, праша обвинителката.

„Тогашниот премиер Никола Груевски“, одговори сведокот.

„Дали живеевте во тој стан?“, праша обвинителката.
„Ние го купивме за девојчето, која беше студент. Таа живееше кај нас. Но, со момчето, со друштво, одеа таму“, одговори сведокот.

„Кога го продадовте станот и зошто?“, праша обвинителката.

„Станот беше отплатен. Но, таму беше Груевски. Имаше обезбедување, ние постојано бевме легитимирани, наши пријатели, гости. Го продадовме, купивме поголем“, одговори сведокот.

„Му го понудивте ли на Груевски?“, праша обвинителката.

„Да, нему и на другите соседи“, одговори сведокот.

„На кој начин го продадовте и кој го купи?“, праша обвинителката.

„Го продадовме на премиерот, но не се видовме со него. Преку негови луѓе, со кои отидовме потоа на нотар. Лично не се видов со него, туку со негови блиски луѓе“, одговори сведокот.

„Дали на нотар се сретнавте со лицето Никола Груевски или со друго лице кое во негово име го потпишал купопродажниот договор?“, праша обвинителката.

„Јас него пред нотарот кај Ристиќева Палата, не го видов“, одговори сведокот.

На вкрстени прашања од адвокатот на избеганиот Груевски по службена должност, сведокот одговори дека не го видела Груевски воопшто, имало луѓе што ги овластил во негово име да потпишат.

„Дали купувачот е правно лице?“, праша адвокатот.

„Има во договорот кој го купил, кај обвинителката е“, заврши сведокот поранешна сосетка на Груевски, Јовковска-Ќаева, пренесува СДК.

Обвинението ги терети инволвираните дека фирмата ги купила две парцели од 11.000 квадратни метри на Водно, за Груевски, а парите биле од партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ. Управител на фирмата е Ристо Новачевски, кумот на Груевски, кој исто така е обвинет во случајот. Поранешниот премиер кој е осуден во случајот со набавката на мерцедес, поради што и избега и доби азил во Унгарија, контактирал со Ивановски откако бизнисменот бил повикан како сведок во случајот во кој се обвинети и, Сашо Мијалков, Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.