Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Новите полимерни банкноти од 10 и 50 денари во употреба се веќе четири месеци, а со пуштањето во оптек и зачестеното присуство во употреба, се појавија и нови маки на граѓаните поврзани со нив.
Граѓаните не можат да платат паркинг на автомат, тие пари не можат да ги вметнат во машините за плаќање на фактури за комунални сметки. Иако има можност уредите да се прилагодат, компаниите тоа не го сториле досега, па граѓаните се наоѓаат во ситуација и покрај тоа што имаат пари, да не можат да ја платат услугата.
Од Народната банка велат дека тие уште во мај, кога беа пуштени во оптек новите полмерни банкноти, ги повикале фирмите кои имаат вакви машини да ги прилагодат софтверите. Велат дека тоа може да се стори и сега, по што автоматите ќе ги препознаваат новите пари.
Од НБРМ се категорични дека прилагодувањето е на компаниите и дека во нивен интерес е тоа да го сторат.
„НБРМ, преку сите средства за јавно информирање упати соопштение со кое ги извести сите правни лица коишто ги одржуваат машините за обработка на пари и автоматите за наплата со готовина во Македонија дека по 15 мај 2018 година започнува периодот во којшто ќе можат да ги приспособат софтверите за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари. Соодветни примероци од полимерните пари за потребните софтверски приспособувања, правните лица можат да обезбедат од деловните банки“, велат од Народна банка
Ако не можат да одат во банка, примероците ги има и во Дирекцијата за трезорско работење на НБРМ, каде што на компаниите ќе им бидат обезбедени потребните количини од полимерните пари. Од централната банка додаваат дека и во периодот на надградбата на автоматите за наплата со готовина, односно нивното софтверско приспособување, граѓаните можат непречено да остваруваат плаќања преку овие автомати со кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари.