Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според вториот ребаланс на буџетот оваа година, кој на вчерашната владина седница беше прифатен од страна на Владата, буџетскиот минус ќе изнесува точно 8,4 проценти од БДП, пренесува Фактор.
Ова е рекорден минус во државната каса и е последица на значајното зголемување на трошоците на државата односно зголемувањето на расходната страна на буџетот во услови на намалување на собраните приходи.
Во услови на пандемија и економска криза ова е цената на преземените економски мерки за помош на реалниот сектор и на граѓаните. Во првичниот буџет кој Владата го кроеше за годинава, уште лани пред Ковид-19 буџетскиот дефицит изнесуваше 2,3 отсто од БДП или 17,385 милиони денари (282,6 милиони евра). Со првиот ребеланс во мај буџетот беше зголемен, па дефицитот се наголеми на 46,180 милиони денари ( 751 милион евра) или 6,4 проценти од БДП. Сега минусот кој е всушност разлика меѓу буџетските расходи и приходите ќе изнесува 8,4 проценти од БДП. Сепак синоќа Владата не соопшти за колку во апсолутни бројки се зголемува буџетот, односно за колку планира да ги зголеми расходите. Парите кои ќе недостигаат, беше соопштено, ќе се покриваат со задолжување, ама на домашниот пазар. Владата годинава веќе позјами пари надвор со издавање еврообврзница вредна 700 милиони евра.
„Согласно финансиските показатели проекциите покажуваат дека дефицитот во Буџетот ќе изнесува 8,4 проценти заради растот на расходната страна во која со најголем процент учествуваат мерките за ублажување на економските последици предизвикани од пандемијата со КОВИД-19. Приходната страна на Буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар, соопштија синоќа од Владата.
Оттаму уверија дека со ребалансот на Буџетот не се предвидени никакви импликации во однос на социјалните трансфери и пензии и дека тие ќе се исплаќаат редовно.
Во синоќешното соопштение не беа кажани и други детали, овој предлог ќе оди на усвојување во Собранието.
Инаку сега, пред да е усвоен ребалансот, вкупните расходи на буџетот изнесуваат 242.948.000.000 денари или 3,950 милијарди евра, а приходите се 196.768.000.000 денари или 3,199 милијарди евра.
Презентирајќи го четвртиот сет антикризни мерки премиерот Зоиран Заев минатата недела соопшти дека Македонија ќе треба позајми пари за да ги сервисира обврските годинава. Четвртиот пакет мерки вреди 470 милиони евра од кои 100 милиони евра се во кредити од Европската инвестициска банка, кои ќе се доделуваат преку Развојната банка на Македонија. Дел се ослободувања кои нема да имаат финансиски импликации, а вкупно 160 милиони евра се од буџетот.
„Водиме комплетна грижа за јавниот долг. Оваа година доспеваат најмногу обврски за отплата или вкупно 1,147 милијарди евра. Редовно ги враќаме обврските, но заедно со министрите правиме пакети да го поддржиме стопанство, рече Заев.
Тој рече дека не може да се пресмета колку ќе се зголеми јавниот долг со новото задолжување. На крајот на вториот квартал изнесува 59,5 проценти од БДП.
Инаку синоќа не стана јасно и колкав економски раст предвидува со овој ребаланс Владата. Првично, со ребалансот во мај беше прогнозиран пад на економијата од 3,4 проценти.