Новиот министер за правда Лога ќе го враќа Груевски од Унгарија повикувајќи се на хашките ќелии


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Македонскиот министер за правда Кренар Лога очекува дека унгарските институции ќе одговорат позитивно на новото барање што Министерството планира да го испрати до Будимпешта за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски бидејќи во него ќе биде наведено дека тој ќе биде сместен во т.н. хашки ќелии, пишува 360 степени.

Лога во изјава, по денешниот прв брифинг со новинарите откако беше именуван на функцијата, рече дека ќе упати ново барање за екстрадиција на експремиерот кој, како што нагласи, треба да одговара во уште девет предмети што се водат против него пред домашните судови.

„За Груевски, исто така, го имам кажано ставот дека тој останува да одговара за уште девет предмети пред домашните судови. Ќе барам со уште едно писмо екстрадиција на г. Груевски и во делот на писмото ќе биде наведено дека тој ќе биде сместен во т.н. хашки ќелии и во затворот и во притворот што верувам дека ќе биде прифатено од унгарските институции, односно дека тие ги исполнуваат сите меѓународни стандарди за таква намена“, изјави Лога.

Дека повторно ќе се бара екстрадиција на Груевски и дека ќе биде наведен моментот со хашките ќелии, Лога веќе соопшти во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Тогаш тој рече дека сугестијата за хашките ќелии доаѓа бидејќи поранешниот премиер добил азил во Унгарија, меѓу другото, и со образложение дека во Северна Македонија нема добри услови во затворите за неговата категорија осуденици.

Инаку, новото барање за екстрадиција од Министерството за правда го најавија уште во септември минатата година кога со него раководеше Никола Тупанчески.

Груевски избега во Унгарија во ноември 2018 година, кога требаше да почне да ја издржува правосилната двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот Мерцедес.

Покрај затворската казна во „Тенк“, Груевски има правосилна пресуда од една година и шест месеци затвор во случајот „Насилство во Центар“. Неправосилна, односно пресуди за кои треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје, експремиерот има и во „Плацови на Водно“ – седум години затвор, ТНТ – девет години затвор, и „Талир 2“ – шест години. Против него се водат уште неколку други судски процеси, меѓу кои и за изборни нерегуларности во „Титаник“ и за изградбата на автопатиштата во „Траекторија“, а осомничен е и во случајот за организацијата на настаните од Собранието на 27 април 2017 година.

Новиот министер за правда денеска беше прашан и за другите двајца бегалци од законот, ексфункционерите во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујевски и Никола Бошковски кои, според информациите со кои располагаат македонските органи на прогонот, се наоѓаат во Грција. Во врска со нив, тој на средба на грчката амбасадорка и го пренел ставот дека земјава повторно ќе бара нивна екстрадиција.

„Мојот став ѝ го кажав и на амбасадорката на Република Грција, уште еднаш да побараме да се екстрадираат, за еднаш засекогаш да се добие соодветна правна разврска за нив и сите очекувања за правна држава да бидат остварени не само на хартија туку и вистински“, изјави Лога.

Грујевски и Бошкоски со првостепени пресуди беа осудени на долгогодишни затворски казни во случаите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“, кои кон крајот на минатата година беа укинати од Апелацискиот суд во Скопје и предметите беа вратени на повторно судење во Основниот кривичен суд.