Новиот документарец за Тито и распадот на СФРЈ открива нова тајна за маршалот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Покрај другите опфатени теми, ликови и случувања поврзани со смртта на Тито, распадот на Југославија и случувањата кои следуваат после таа драма, новата ТВ серија посветена на оваа тематика открива една нова тајна за маршалот.

Анестезиологот и хирург Предраг Лалевиќ потврдил со главата, го исклучил респираторот, КЕГ, пејсмејкерот… Сѐ било готово. Во болницата во Љубљана, на 4 мај 1980 година, Јосип Броз Тито почина. Медицинскиот персонал останал уште 15 минути над мртвиот Тито. Никој не знаел што ги чека понатаму, ниту што ја чека Југославија.

Ова е една од почетните сцени во документарната серија „Војна пред војната“. На чело на авторскиот тим е Миленко Мањкас, поранешен аналитичар на претседателот Фрањо Туѓман и новинар и уредник, како и автор на десетина документарни филмови. „Војна пред војната“ е хронолошко продолжение на „Југословенските тајни служби“, претходна серија од истата продуцентска куќа. Прикажувањето веројатно треба да почне кон средината на септември.

– Распаѓањето на Југославија е најдраматичниот настан во Европа по Втората светска војна. Заврши со конфликт меѓу Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, но на оваа војна ѝ претходел разузнавачко-политички конфликт што траел цела деценија. Започна по смртта на Тито: од Србија и ЈНА пристигнаа барања за унитарна и централизирана Југославија, а српските националисти го обновија проектот за Голема Србија. Хрватските политички дисиденти ја собраа хрватската национална власт, така што се случуваше вистинска војна пред војната во која голем број политички настани останаа нерасветлени – со овие зборови ХРТ ја најавува документарната серија што се состои од десет епизоди по 52 минути.

Во секоја епизода се појавуваат 20-ина соговорници, меѓу кои и многубројни протагонисти на периодот кој започнал со смртта на Тито, а завршил со прогласување независност на Хрватска, на 8 октомври 1991 година. Секоја епизода содржи просечно десет минути игран материјал.

Настаните во последната деценија на Социјалистичка Федерална Југославија се наметнале бидејќи досега не биле целосно документирани и темелно разработени во јавност. Имено, следувала војна која сама по себе станала централен настан. Но, за вистинските причини и природата на оваа војна важна е деценијата по смртта на Тито. Еден од досега неоткриените документи се појавува во самата серија, а станува збор за телеграма со следната содржина (напишана на германски јазик):

– Пречесен господин бискуп Шустар, почитуван господин бискупе, одете веднаш кај Тито, токму сега, тој Ве бара, тој не може и не смее да умре пред тоа, дајте му свет сакрамент на болно помазание.

Телеграмата била откриена во досието „ОА Центар“, поднесено од страна на Службата за државна безбедност на СР Словенија.

– Во серијата се занимаваме со три клучни лица од овој период: Јосип Броз Тито, Фрањо Туѓман и Ивица Рачан. Со Тито – бидејќи ја создаде Југославија, чие распаѓање го истражуваме; Рачан – бидејќи ја презеде партијата во годината на распаѓањето на СФРЈ, и Туѓман, кој долго време пред сите се подготвуваше за периодот по Тито, а подоцна беше избран за прв претседател на независна Хрватска – вели Мањкас.

Особено било интригантно да се обработува ставот на Туѓман кон Тито, вели Мањкас и додава дека тој може да изненади дел од гледачите. Сепак, тој смета дека било важно да се слушне како на улогата на Тито гледа тогашната политичка Србија. Овие две перспективи делумно фрлија нова светлина врз карактерот и делото на Тито.

– Што се однесува до Рачан, често се нагласуваат неговите погрешни одлуки во време на хрватското осамостојување – вели Мањкас.

Речиси било сигурно дека ако во СР Хрватска бил извршен државен удар, Рачан не ќе можел да му се спротивстави – вели Мањкас.

– Кога зборуваме за првиот претседател, Туѓман, во серијалот првпат Владимир Розјан и Бранко Салај зборуваат за тоа како кон крајот на 70-тите години Туѓман нелегално патувал во странство на средби со странските владини претставници и емиграцијата. Еден од неговите пасоши бил на име на неговиот пријател од работа, Тога Андерсон.

– Тој сакаше да помогне, па ми го даде неговиот пасош. Навистина беше голем човек – раскажува Розјан.

– Имаше два пасоша до кои дојдовме сосема нелегално, но кои изгледаа сосема пристојно – продолжува Салај.

Серијалот се занимава и со улогата на Јосип Перковиќ. Опишан е како еден од шефовите на тајните служби кој во 80-тите учествувал во егзекуција и прогон на хрватски емигранти, а во 1990 година во Хрватска успеал илегално да ги увези првите десет камиони полни со оружје, поради што за влакно избегнал атентат.

Во документарецот Дражен Кин го глуми Фрањо Туѓман, Жељко Конихнет го глуми Слободан Милошевиќ, а Динко Чутура го глуми Ивица Рачан. Жарко Поточњак е Јосип Бољковац, првиот министер за внатрешни работи на Хрватска, Ранко Зидариќ е Јован Рашковиќ, основач на сепаратистичката Српска демократска партија, Стојан Матавуљ е Вељко Кадијевиќ, генерал на ЈНА и сојузен министер за одбрана на поранешната држава, Винко Краљевиќ е Јосип Перковиќ, еден од шефовите на тајните служби, Борко Периќ го глуми Владимир Шекс, еден од основачите на ХДЗ, додека Славен Кензовиќ е началникот на генералштабот на ЈНА, Благоје Аџиќ.

Тајната телеграма на Тито

– Бискупе Шустар, дојдете итно, Тито не смее да умре без последното помазание.

За тоа дали Тито го добил последното помазание се шпекулира и денес, пишувани се дури и книги на оваа тема. Авторите на документарецот откриваат дека ја имаат оригиналната телеграма, која ќе биде прикажана првпат. Во серијалот првпат ќе биде откриена содржината на телеграмата што била испратена во име на Тито до бискупот Шустар.