Новиот документарец продуциран од Мајкл Мур отстранет од YouTube


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Контроверзниот нов документарец продуциран од американскиот режисер Мајкл Мур, „Планетата на луѓето“ („Planet Of The Humans“), беше отстранет од YouTube каде што претходно беше достапен за бесплатно гледање на интернет.

Иако голем број климатски активисти и научници жестоко го критикуваа филмот кој се бави со одржливоста и ги претставува обновливите извори на енергија како голема измама, тоа не е причината зошто филмот е отстранет од YouTube – барем официјално. Имено, филмот наводно содржи снимка за која сопственикот Тони Смит тврди дека се наоѓа во филмот без негова дозвола. Односно, Смит не се согласува со контекстот во кој е искористен неговиот видеоматеријал.

Смит испратил пријава до YouTube на 23 мај, кога открил дека во филмост се искористени неколку секунди од материјалот од негови документарец во кој се прикажува патувањето на некои ретки минерали од Монголија до фабриките за електроника и зелена технологија, во кои се користат како сирови материјали.

Смит, кој и самиот се бави со енергетски и еколошки теми во својата работа, за Гардијан кажа дека не сакал неговата работа да се врзува со нешто со што не се сложува. „Отидов директно кај YouTube наместо да се обратам до креаторите на филмот бидејќи не бев заинтересиран за преговарање. Не го поддржувам документарецот, не се сложувам со неговата порака и не ми се допаѓа користењето на фактите на начин кој го менува нивниот наратив“.

Мо, Мур и другите кои стојат зад филмот „Планета на луѓето“ тврдат дека филмот не ги прекршил правилата за чесно користење туѓ материјал, туку дека станува збор за политичка цензура.

Интересно е што Мур не е режисер на овој филм, како што беше на неговите познати општествено ангажирани филмови како „Боулинг фор Колумбајн“, „Фаренхајт 9/11“, „Сико“ и „Капитализам: Љубовна приказна“.

Тој на овој филм, кој предизвика негативни реакции од истите кругови во кои досега беше популарен, е само извршен продуцент. Режисер, сценарист и продуцент на филмот е Џеф Гибс.

Гибс во својата изјава се нафрли на YouTube поради отстранувањето на филмот, кој беше објавен на платформата за луѓето да можат бесплатно да го погледнат. „Овој обид да се отстрани нашиот филм и да се спречи јавноста да го види е еклатантен чин на цензура од страна на политичките критичари на Планета на луѓето. Тоа е злоупотреба на законите за авторски права за да се изгаси филмот кој отвори сериозна расправа за тоа како делови од еколошкото движење се здружија со Волстрит и таканаречените „зелени капиталисти““.

„Нема апсолутно никакво кршење на авторските права во мојот филм. Ова е само уште еден обид на противниците на филмот да го поткопаат правото на слобода на говор“, додаде Гибс во острата реакција.

„Планета на луѓето“, меѓутоа, сѐ уште може да се види на платформата Вимео, како и на страницата на самиот филм, а веќе го погледнале повеќе од 8 милиони луѓе. Филмот се опишува како „директен напад врз светите крави на еколошкото движење“.

Од другата страна, зелените активисти и авторите како Бил Мекибен и Џорџ Монбиот предупредија на сериозните фактички грешки, застарените податоци и митови за зелената технологија кои ги промовира токму индустријата на фосилни горива – нафтата, гасот и јагленот. Многумина се згрозени од новонастанатата ситуација во која десничарските организации и климатските „скептици“, односно негирачите на глобалното загревање, сега го поддржуваат Мур поради неговиот нов филм.

Некои дури потпишаа писмо во кое се бара од дистрибутерите на филмот да го остранат. Еден од потписниците, истакнатиот климатолог Мајкл Ман, ги прозва Мур и Гибс за полувистини и лаги во филмот кои „ѝ прават контрауслуга на планетата“.

Кој го нема изгледано – еве го на Вимео.