Новини во законот за возила: Државата ќе субвенционира до 3.000 евра за нови возила и до 300 евра за плински уред


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Собранието го усвои новиот Закон за возила со кои се предвидуваат субвенции во износ до 3.000 евра за замена на старото возило со ново и до 300 евра за вградување на плински уред. Критериумите за поддршката се уште не се дефинирани, но за купување на нови возила истите ќе се базираат на приходите во семејствата, пишува Вечер.

Ќе се доделуваат субвенции од 300 евра за набавка и вградување на плински уреди во автомобили и 2.000 до 3.000 евра за купување на нови возила по принцпот старо за ново, ова се дел од мерките кои се содржани во новиот Законот за моторни возила кои ќе почнат да се реализираат годинава доколку се обезбедат средства со ребалансот на Буџетот.

Како што изјави вчера министерот за економија Крешник Бектеши доколку нема ребаланс, мерките од овој Закон кој во вторникот беше усвоен во Собранието ќе почнат да се реализираат од 1 јануари 2020 година.

-Првата мерка е мерка за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на алтернатвно гориво на постоечките возила. Со оваа мерка ќе се субвенционираат над 1.200 граѓани. Втората мерка е мерката за субвенционирање на купување на нови возила со одјава на старото возило. Со оваа мерка ќе се субвенционираат сите заинтересирани граѓани, а износот на субвенцијата ќе биде од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност, изјави Бектеши и образложи дека нелогично би било некој да купи возило вредно 30.000 или 40.000 евра, а да добие субвенција.

Тој информираше дел од мерките е и воведување на жолти таблички за таксистите со што се исполнува барањето за таксистите и истовремено се обезбедува поголема сигурност на граѓаните.

Сопствениците на моторни возила сами ќе одлучуваат дали да набават еколошка налепница, а ингеренциите за нејзиното доделување ќе го имаат општините кои воедно ќе одлучуваат и дали ќе се воведува некаков сообраќаен режим ако се процени дека е потребно во однос на загаденоста. Посебни служби ќе утврдуваат кои возила ќе добиваат жолта, црвена или зелена еколошка налепница.
Тој додаде дека во почетокот на септември ќе има јавна дебата и ќе се дефинираат точно мерките кои се веќе содржани во Законот.