Новинарките од ИРЛ наградени со наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за документарецот „Нечиста крв“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Новинарскиот тим од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) – Сашка Цветковска, Елена Митревска-Цуцковска и Маја Јовановска – ја добија наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија во 2022 година за документарецот „Нечиста крв“.

За наградата што традиционално ја доделува Македонскиот институт за медиуми (МИМ) годинава пристигнале апликации за 16 стории обработени во 77 текстови или видеоприлози.

Победничката сторија под наслов „Нечиста крв“ се однесува на третманот на ковид-пациенти со методот на хемофилтрација.

„Новинарскиот производ содржи темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од многу релевантни извори и соговорници. Проблемот е објаснет на разбирлив начин, со придржување до професионалните и етичките новинарски стандарди, и заложба да се иницира институционално разрешување на детектираните неправилности. Сторијата, којашто предизвика лавина реакции во јавноста, е пример за конзистентно и доследно следење на проблематика од висок јавен интерес, со силен новинарски и тимски ангажман“, соопштија од МИМ.

Покрај за најдобра новинарска сторија, МИМ додели награда и во категоријата Најиновативен новинарски производ каде пристигнале 18 теми. Наградена беше сторијата „Како изгледа животот во рововите на првата линија на огнот“ на новинарката Кристина Атовска, емитувана во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Низ видеорепортажа, забележува жири-комисијата, новинарката го прикажува животот на граѓаните во Украина, вклучително и на деца со попреченост, проблемите со кои тие се соочуваат и поддршката што ја добиваат од хуманитарните организации и индивидуи додека трае војната во оваа земја.

„Користејќи го само мобилниот телефон, без какви било дополнителни ресурси и можност да известува со поддршка од комплетна новинарска екипа, авторката ѝ овозможи на публиката на автентичен и креативен начин да го слушне гласот на оние што се најдоа на првите борбени линии и гласот на најранливите, обидувајќи се да испрати апел за солидарност и поддршка не само до домашната, туку и до јавноста на глобално ниво“, велат од МИМ.

Како најдобра репортерска фотографија, пак, беше наградена фоторепортерката Арбнора Мемети за фотографијата „’Врнежи‘ од канцерогени материи во Тетово“, објавена на веб-страницата на Дојче веле на македонски јазик.

„Демонстрирајќи исклучителна креативност и естетски израз, фотографијата јасно и прецизно го илустрира проблемот со екстремно загадениот воздух во Тетово за време на минатогодишниот пожар во Тутунскиот комбинат. Доловувајќи ја драматичноста на амбиентот, фотографијата допира до гледачот и упатува јасна порака околу тежината на проблемот и неговите последици“, оценува МИМ.